АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Работиме по 12 до 14 часа на ден, а во февруари не ни ја доисплатиле ни ноемвриската плата, се пожалија вработените од ЗК „Пелагонија“ кои денес излегоа на протести со барање под итно да им се исплатат заостанатите примања за ноември и декември.
„Ова е предупредувачки протест до газдите да знаат дека им даваме рок до среда. Ако до тогаш не исплатат ќе стапиме во вистински штрајк. Тоа значи непочитување на работните обврски, имаме фарми каде вработените нема да ги молзат кравите, нема да ја хранат стоката, а ќе запре и производството на струја во централите“, рече Менде Милевски, новоизбран претседател на Синдикатот во ЗК „Пелагонија“.
Се пожалија дека три години немаат земено К-15, а не им даваат ни општествена исхрана.
„Не ни даваат ни општествена исхрана, а не тераат да работиме по 12 или 14 часа. Како се работи по толку саати кога нема исхрана? Зарем да јадеме на отворен простор на плус или минус 40 степени? А ние овде во просек земено сме по 60 години не сме деца да си играат со нас. Инаку годинава имаше многу големо производство. Од 12 000 до 14 000 хектари посеани со пченка, по 10 тона просек по хектар, тоа е многу голема количина и да немало пари за вработените. Нека дојдат газдите да кажат што се случува“, рече работникот Димче Срџански.
Засега нема застој во работните организации на ЗК „Пелаглнија“ благодарение на тоа што работниците иако не зеле плата се уште си си обавуваат обврските.
„Неработењето ќе биде од идната недел, нема да се молзат кравите, а нема да ги обавуваме ни земјоделските работи , ете доаѓа пролет и ќе треба да се сее. Од денес не сме ни осигурани, треба да си луд да одиш да работиш неосигуран. Од менаџментот нон-стоп нѐ мамат, секој ден велат утре пари“, рече Стево Дуков, делегат во новоизбраниот синдикат.
Павле Цветановски, финансов директор рече дека на околу 500 работници денес ќе им се исплати дел од остатокот за ноемвриската и цела декемвриска плата. Но, сепак неисплатена ќе остане една третина од остатокот од ноемвриската плата.
„Состојбатав со ЗК Пелагонија е општо позната во последниот период. Со сигурност можам да кажам дека влеговме во склучување на договор со сите банки и доверители, вчера тие пристапија кон деблокада на сметките и денес комплетно ќе биде завршена работата и платата ќе биде исплатена. Ќе остане само една третирна за ноември која за релативно брзо време ќе биде исплатена“, рече Цветановски.