АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Вработените од ЗК ,,Пелагонија" денес излегоа на протест пред дирекцијата на компанијата барајќи да им се исплати заостанатата февруарска и дел од јануарската плата. Од менаџментот рекоа дека денес или најдоцна до утре ќе им се плати февруарската плата. Ако тоа не се исполни вработените најавија дека ќе протестираат и утре.
„Од јануари месец до сега само половина плата имаме земено, а април месец ете на прагот е. И покрај доцнењето на платите ни една работна обврска не е запрена. Нон – стоп се работи. Имаше и сеидба, се е сработено и фармите работат. Овде ако земите во просек 70 проценти се како мене, јас со четири стентови сум , четири илјади не ми стигаат за лекарства. Со кои пари да ги купам? И слушаме од мене од тебе, само нѐ лажат, па дури и ни велат ич да не работите плата нема“, рече работникот Владо Маловски.
Ова е втор протест за плати во ЗК „Пелагонија“ за неполни два месеца. Минатиот се одржа на први февруари кога не им беа исплатени две и пол плати, а по протестот попладнето една плата им легна на сметката.
„Луѓето не се задоволни немаат плата, од ноември редовно не се исплаќаат платите. Бараме да ни кажат што се случува, ќе го биде Комбинатот или не? Тука сме сите по 60 години и што ќе биди ако е вака секој месец“, рече Алексо Ризевски.
Павле Цветаноски, финансов директор, рече дека на околу 500 работници денеска или најдоцна до утре ќе им се исплати февруарската плата. .
„Се одржаа преговори со синдикалниот одбор и договорено е со менаџментот дека платата ќе биде исплатена денес или најдоцна до утре. Во основа ова задоцнување на платата произлезе од тоа што земјоделството има специфичен карактер и во овој период најголеми вложувања се вршат во сеидбата. Еден очекуван паричен прилив се одложи за извесен период и се очекува да се наплати овие денови и платата да се исплати. Ќе ја исплатиме платата за февруари, останува еден остаток од платата за јануари“, рече Цветаноски.