АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во присуство на претседателот на државата Стево Пендаровски и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија генерал потполковник Васко Ѓурчиновски во Битола денес се одржа воена вежба „Одлучен удар“ во чии рамки битолчани имаа можност да се запознаат со дел од опремата, вооружувањето, војниците и старешините на Армијата.
Ова е вежба која во изминатиот месец и половина се одвиваше на воениот полигон Криволак и е најголема воена вежба во историјата на нашата земја. Во неа учествуваат околу 2700 војници, меѓу кои има и припадници на Американскиот контингент.
Целта на акцијата беше популаризација на Армијата. Пред насобраните битолчани на плоштадот Гоце Делчев се демонстрираа дел од капацитетите и способностите на Армијата, борбените и неборбени возила, техника , боречки вештини, воена санда, евакуација на повредени цивили, транспортен хеликоптер во поддршка на специјални операции, техника Грозд и друго. Војниците покажаа голема умешност во боречки вештини, а добија ракоплескање кога од покривот на Центарот за култура во Битола ја спроведоа акцијата за спасување на цивили во услови на елементрани непогоди.
„Ми претставува големо задоволство да бидеме тука на Отворениот ден на Армијата во Битола. Сакам да оддадам јавно признание на сите војници и старешини кои со битолчани денес можеа да се дружат и практично да презентираат капацитет и оспособеност за што сум горд. И не случајно во пракса можеше да се види дека припадниците на Армијата уживаат голема доверба од граѓаните како институција во нашата татковина“, рече началникот Ѓурчиновски.
На настанот присуствуваше и градоначалничката Наташа Петровска која изјави дека ова случување го потврдува скорешното приклучување на Републчика Северна Македонија на НАТО со нашите вооружени сили.
„На тој начин и како држава и како народ ќе имаме можност да дадеме свој придонес во мирот и просперитетот на човештвото“, рече Петровска.
В.д. амбасадорката на САД Михаела Швајцер Блум говорејќи на македонски јазик рече дека Северна Македонија е подготвена за НАТО и дека ќе биде следниот член во НАТО скоро.