2win800x200

Разговор со Петар Атанасовски-Желба ми е да станам професионален војник

Јануари 22, 2020

Петар Атанасовски е ученик во средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ во Битола, и годинава (по втор пат) за празникот Водици го фати Светиот крст на главната црковна церемонија во храмот „Св. Димитриј“ во Битола.  Петар има една желба да биде професионален војник, а на своите врсници им порачува да стојат подалеку од дрогата и алкохолот.

pet 1

Апла-Во 2018 година кога за првпат го фати Светиот крст во храмот „Св. Димитриј“ имаше само 15 години, што те мотивираше да се вклучиш во оваа црковна церемонија?

Петар- Уште од многу помал сакав да бидам дел од оваа церемонија за Водици, ама не се створија услови за тоа и се вклучив дури откако тргнав во средно школо. Едноставно фаќањето на Светиот крст  ми беше предизвик, и ете тоа ми се оствари во 2018 година, кога за прв пат скокнав  по крстот и имав среќа јас да го фатам. Тоа беше голема радост за мене и моето семејство. Чувството не се опишува.

Апла-Дали веруваше дека покрај толку повозрасни и искусни скокачи по крстот, баш ти ќе го фатиш светиот крст?

Петар-Ни на крај памет, тоа го направив заради желбата да учествувам, за здравје и среќа, ама ете така требало да биде. Немав ниту претчувство дека јас ќе го фатам Светиот крст.

Апла-Што се смени, што ти се исполни во 2018 година кога за првпат го фати крстот? Што очекуваш годинава, која ти е најголемата желба?

Петар-Фаќањето на Светиот крст ме исполнува со позитивна енергија, ми дава сила. Посакувам и оваа година да ми биде посреќна и по исполнета, реализирана. Посакувам да ми се оствари мојата најголема желба после завршувањето на средното училиште да бидам професионален војник и чесно и гордо да ја носам војничката униформа на Република Македонија. Минатото лето учествував и на воен камп за млади во Црна Гора каде ги  покажав моите вештини и бев избран за еден од најдобрите учесници на кампот.  Бев на 17-дневна обука за разни воени и други вештини на повеќе локации во Црна Гора, каде имавме  можност да проследиме  медицинска обука, натпреварување во топографија и ориентација, ракување со оружје и гаѓање, обука за работа со средства за комуникација, кампување (исхрана и преживување во природа, обука на брзи води и сплаварење – рафтинг, извидничка обука и ориентација во ноќни услови) и обука во качување со јаже. И јас ги покажав најдобро што можев моите способности.

Апла-Кој те задои со верата? Колку често одиш во црква на богослужби?

Петар-Јас потекнувам од патријархално семејство, ние сме три деца и моите родители не воведуваат во верата, во христијанските верувања и обичаи. Иако сум млад сепак сакам и одам во црква, за големите христијански празници, одам на литургии за време на празници и секогаш кога тоа ми го дозволува времето.

Апла-Што ќе им порачаш на твоите врсници?

Петар-На сите млади битолчани, и на моите врсници  им посакувам  здравје, среќа и љубов. Да си го  сакаат и почитуваат семејството, родителите. На моите врсници им порачувам да се држат подалеку од пороците на овој модерен свет, особено од дрогата и алкохолот. Нека посветат повеќе внимание на религијата и на она што таа не учи. Како млади треба да најдеме време да се посветиме и да учиме за животот од нашата религија  како православни христијани, а не  да се приклучуваме на  некои црковни церемонии само од помодарство. Водици и фрлањето на крстот не смее да биде единствениот ден кога младите ќе одат во црква. За се има време во денот, ако не води добра мисла.  

pet 2

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани