2win800x200

Блиц интервју со Игор Дурловски-Битола била, е, и секогаш ќе биде мое дома

Јули 06, 2020

 

Блиц интервју со Игор Дурловски, носител на листата на пратеници во изборната единица пет на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.  

Игор Дурловски, роден 1977 година во Битола е македонски оперски пејач.

Своите студии и постдипломски студии ги завршува на „Факултетот за музичка уметност’’ во Скопје,  a се усовршува во Камерното студио на Оливера Милјаковиќ во Виена како и кај еден од најпознатите светски вокални уметници, басот Николај Ѓауров.

Во контекст на меѓународната кариера на Игор Дурловски треба да се издвои соработката со оперските куќи : Wiener Kammeroper, Wiener Konzerthaus, Оперската куќа во Минстер, Националната Oпера и театар во Сараево, Хрватскиот народен театар во Загреб, Осиjек и Ријека, Тиранската Опера, Vienna Residence Orchestra, Источно-западниот симфониски оркестар, Белградската филхармонија, Софиската филхармонија, Ансамблот за современа музика „Алеа“ и oстанати реномирани состави.

Во периодот од 2015 до 2016 година Игор Дурловски ја вршеше функцијата генерален директор на Македонската Опера и Балет, а за истакнување е и неговиот придонес во промоцијата и афирмацијата на домашните репродуктивни уметници и автори.

Дурловски е еден од основачите на Академијата за вокална уметност „Дурловски“ која се грижи за едукацијата на младите.

Дурловски политичката активност ја започнува во декември 2016 година.

IMG 866307c213a69c35350f713c219c0f0a V

 

Апла-Кажете ни на кратко за Вашето битолско потекло, имате ли предци кои придонеле за Битола?

Дурловски-Секогаш со гордост зборувам за моето семејство, за моите родители Зора и Вангел, за нашите корени од Герман, од Егејска Македонија. Со голема почит се сеќавам на предците кои како деца бегалци го живееле оној дел од историјата кој сегашната власт сака да ни го избрише. Страдањата на секое од тие семејства, меѓу кои е и моето, е делче од македонското минато, фрагмент од приказната која не смее да се заборави. Нивната борба да си го зачуваат јазикот, идентитетот, и покрај сите премрежија, говори за жилавоста и истрајноста на Македонецот, говори за љубовта кон Македонија. За жал, да се оди исправено и покрај сите удари, е борба и на денешниот Македонец. Пред нас се избори во кои секој од нас треба да ја сфати својата улога. Само заеднички, со силна љубов кон татковината можеме да ги поразиме овие погубни политики и да им овозможиме сигурна и достоинствена иднина на своите деца. Како нераскинлив дел од колективната судбина на својата земја, тоа е нашата историска задача.

107369978 991475861288742 7099337236363417705 n

 

Апла-Што ви го исполнува слободното време?

Дурловски-Нема ништо поскапоцено од семејниот мир и љубовта што ја добиваш од најблиските. Се трудам да поминам што повеќе време со своите деца, со сопругата од која имам безрезервна поддршка. За среќа, музиката е наша заедничка љубов, па нема некоја остра линија меѓу приватното и професионалното. Музиката е секогаш присутна во нашиот дом, а тука се и нашите бројни пријатели, па слободното време го поминуваме во ведра и пријатна атмосфера.

 

Апла-На кои мигови од животот често се навраќате?

Дурловски-На најубавите. На спомените од детството. На другарствата кои започнаа тогаш и се уште траат. На мојот прв настап во битолскиот Дом на Армијата, на секој успех што и јас и Ана го бележевме на домашните и светските сцени, на радоста која ја чувствувавме секојпат кога се враќавме дома, на раѓањето на нашите три деца, на сите нивни мали и големи радости. Се навраќам и на силната сплотеност на мојот народ кој стори се за да ја заштити сопствената татковина, на сјајот во нивните очи додека ја пеевме химната, а никој не сакаше да слуша... Да, за жал, ова мое досегашно животно патешествие ми донесе и многу лоши мигови кои не можам да ги заборавам. Нанесената неправда, монтирањето на судски процеси против мене и против другите патриоти, обидите да се извалка мојата чест и углед и најстрашно од се’, понижувањето на сите Македонци со менувањето на името, со откажувањето од историјата и обидот да се избрише и негира македонскиот идентитет од страна на СДСМ и Зоран Заев. Тие понижувања ниту можам да ги заборавам, а уште помалку да ги простам!

 

Апла-Што беше пресудно да ја изберете оваа професија?

Дурловски-Музиката е љубов. Љубов од која не можеш да избегаш. Никогаш не сум се двоумел...едноставно тоа беше силен порив кој морав и сакав да го следам.

 

Апла-Омилен настан од кариерата и настан кој сте го поднеле тешко?

Дурловски-Не можам да издвојам еден настан кој би ми бил омилен, бидејќи секој чекор нагоре, почнувајќи од првиот кој го означи почетокот, ми бил голема радост и мотив за следниот чекор да ми биде уште похрабар.

Огромно беше задоволството да се слушне публиката како аплаудира, а светски познатите весници како пишуваат за Дурловски од Македонија. Да се биде дел од светската оперска елита, не е само моја лична приказна, туку е признание за секој Македонец.

А сепак, и покрај се’, кога ќе се вратам наназад, најтешкиот чекор...беше одлуката да се замине од Македонија. Без разлика на сите интернационални успеси што следеа, тој момент, таа одлука беше многу тешка. И во сите тие години поминати надвор, разговорите со Ана за тоа кога да се вратиме во татковината, беа речиси секојдневни.

  

Апла-Кое е мотото на Вашиот живот?

Дурловски-Секогаш после дожд, доаѓа сонце. Сонцето е на нашето знаме, време е да го вратиме во нашите животи... И ова е пораката што сакам да им ја упатам на сите мои Македонци.

 

Апла-Имате ли хоби? Како ги полните батериите?

Дурловски-Добро се снаоѓам во кујната и уживам да подготвувам различни специјалитети. А тоа речиси секогаш е поврзано со седенки и убави дружби со пријателите.

 

Апла-Која книга ви е омилена и зошто?

Дурловски-Сакам да читам македонски автори. Пред се’, македонска поезија. За мене таа е уметност од зборови, во нејзината најсовршена и најсилна форма. Кога би требало да изберам, речиси е невозможно да не го споменам неизбришливиот Петре М. Андреевски и неговата “Дениција”. Врвно достигнување во македонската поезија, еден чудесен универзум од топли и искрени чувства на семоќна љубов, не само кон жената, туку и кон татковината и денот, светлината, Тоа се чувства и метафори со кои се поврзувам, особено сега, кога очекувам нова светлина и иднина за мојата сакана Македонија.

IMG ed3617be1d048d5d57109d76f965d95d V

 

Апла-Колку често ќе се навраќате на Битола откако ќе станете пратеник?

Дурловски-Битола е мојот почеток и извор, мојата прва љубов и инспирација од која црпам сила. А човек секогаш се враќа кон своите извори и својата суштина, бидејќи таму се чувствува најприродно. Битола била, е, и секогаш ќе биде мое дома. Како и целата наша Македонија. Повременото физичко отсуство е само пауза до следното враќање во Битола. И кога не сум дома, со духот и  мислите сум со моите битолчани, и тоа никогаш нема да се промени. Се надевам дека со нивен благослов, после 15ти јули заеднички ќе креираме и градиме нова и подобра иднина за сите нас, ќе бидеме дел од обновата која на Македонија и Македонците неизмерно ни треба!

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани