2win800x200

До три години затвор за демначите на социјалните мрежи

Февруари 03, 2021

 

Се подготвуваат измени во Кривичниот законик со цел да се спречат случаи како скандалозната „Јавна соба“, за која денеска ќе се одржи и протестен марш во Скопје.

Со законски измени државата ќе се обиде да спречи појава на нови „Јавни соби“, во кои жртви најчесто се малолетнички. Во иднина ќе се гонат и демначите на социјалните мрежи, за кои се предвидени парични казни, како и казна затвор до три години. Целта е да се спречат во иднина злоупотреби на социјалните мрежи кои зачестија изминатиов период. Правда за жртвите од „Јавна соба“ ќе биде побарана и на денешниот протестен марш во Скопје. Протестот го организира Платформата за родова еднаквост. Ќе се маршира од Министерство за внатрешни работи до Јавното обвинителство.

Нови законски одредби

Министерството за правда подготви законски измени со кои се воведува и ново кривично дело „демнење“. Измените на кривичниот законик оваа недела ќе бидат испратат во Владата на усвојување. Во законските измени се додаваат одредби во кои се вметнува терминот „демнење“. Ќе се казнуваат парични или до три години затвор оние кои подолго време следат некого, прогонуваат или се мешаат во личниот живот на друг, при што ги злоупотребуваат личните податоци на жртвите, телекомуникациските или други системи на комуникација. Казни ќе добиваат и оние демначи кои своите жртви психички ги злоставуваат, вознемируваат или застрашуваат и со тоа им предизвикуваат чувство на несигурност, вознемиреност или страв за нивната сигурност или за сигурноста на нивните блиски. 

Ваквите изјави ги најави неодамна министерот за правда Бојан Маричиќ на средба со една од девојките - жртви на „Јавна соба“, којашто се охрабри јавно да прозборува за голготата низ којашто поминала, откако нејзини фотографии и лични податоци биле споделувани меѓу членови на групата на Телеграм. Полицијата во случајот „Јавна соба“ приведе четири лица, на кои им се одземени телфоните и се предадени на вештачење. Случајот не само што предизвика лавина реакции и осуда во јавноста, која бара ваквите злоупотреби итно да престанат туку и иницираше законски измени, со цел да се спречат вакви појави во иднина. 
Пред една година за прв пат беше обелоденет во јавноста случајот за групата „Јавна соба“, за кој од јавното беше соопштено дека за тој случај се уште се води предистражна постапка. Сопственикот и администраторот на групата тогаш беа идентификувани од страна на МВР. Случајот се актуелизираше повторно деновиве, кога беше обелоденето дека на социјалната мрежа над 5.600 членови во групата споделуваат експлицитни фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки. МВР ја затвори групата, но веднаш се појавија неколку нови. 

https://www.dw.com/mk/%D0%B4%D0%BE-%D1%82%D1%80%D0%B8-%D0%B3%D0%BE%D0%B4%D0%B8%D0%BD%D0%B8-%D0%B7%D0%B0%D1%82%D0%B2%D0%BE%D1%80-%D0%B7%D0%B0-%D0%B4%D0%B5%D0%BC%D0%BD%D0%B0%D1%87%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%BD%D0%B0-

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани