Крадци се фатени на дело при кражба на кабли и подземна инфраструктура на Македонски телеком, поради што деновиве се случуваа и прекини во услугите што компанијата ги обезбедува за своите корисници во Битола.
Со овој вандалски чин засегнати се околу 150 корисници кои имаат прекин на фиксните телекомуникациски услуги.
„Телеком жали за предизвиканите непријатности и работи на терен да се санираат штетите и услугите да бидат воспоставени за брзо време, но и се радува на брзата и успешна акција на органите “, велат од компанијата.
Слични кражби во Битола се случуваа и пред два месеца, но како резултат на навремената интервенција на надлежните, сторителите беа фатени многу бргу. Овој пат, тие на лице-место беа идентификувани од страна на полицијата каде овие случаи и се пријавени.
Ваквите кражби предизвикуваат значителна штета на инфраструктурата, но најголема штета е нанесена на самите корисници, кои поради овие кражби остануваат без услугата.
Мета на кражбите најчесто се бакарни кабли од подземната мрежа на Македонски Телеком и притоа се оштетуваат и пристапните шахти. Се верува дека кражбите се прават поради продажба на бакарот, кој има висока цена на пазарот.