2win800x200

Славиме 30 години независност!

Септември 08, 2021

Здравствени работници, спортисти, пожарникари, полицајци и војници, рудари, земјоделци, волонтери на Црвен крст, извидници, како и националните ансабли и културно-уметничките друштва денеска ќе продефилираат во центарот на главниот град по повод 30 години независност на државата.

Централната прослава ќе биде на отворено пред Собранието на Република Северна Македонија со почеток во 17:30 часот, а ќе започне со изведба на делото „Симфонија за филхармонија“ од композиторот Живоин Глишиќ по што следи дефилето.

Според протоколот, официјалниот дел ќе почне во 18:30 часот со интонирање на химната на Северна Македонија од страна на Воениот оркестар, по што ќе следуваат говорите на државниот врв. Обраќање ќе имаат претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.

По обраќањето на премиерот, односно од 19:30 часот започнува музичкиот дел со изведба на песна специјално аранжирана за оваа прилика и музички дел со познати солисти кои заедно со Националната филхармонија ќе изведат неколку антологиски забавни нумери.

Покрај официјалните гости и медиумите, според протоколот и актуелната состојба со пандемијата, предвидено е присуство на околу 1000 акредитирани граѓани кои приложиле вакцинален сертификат или потврда за прележаност од Ковид-19.

Пред три децении на денешен ден, над 95 проценти од граѓаните на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Претходно, на 25 јануари 1991 година, беше усвоена Декларацијата за независност од првото повеќепартиско македонско Собрание, а два дена подоцна пратениците го избраа Киро Глигоров за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија.

Важни чекори за утврдување на државноста беа усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година, монетарното осамостојување и  воведувањето на денарот на 26 април 1992, формирањето на сопствени вооружение сили.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани