2win800x200

Конечно, се реконструира патот Битола – грчка граница

Декември 14, 2022

БИТОЛА – Магистралниот пат Битола-грчка граница конечно се реконструира. Тој е во должина од околу 14 км и минува низ Пелагониската котлина. Битолчани се радуваат на почетокот на градежните работи, оти велат дека ова е патот кој ги поврзува со Европската унија, објави https://nezavisen.mk/Нема достапен опис

 

Деновиве патот е затворен во едната лента на две испрекинати делници во близина на ИЗ „Жабени“ и кај езерото Жабени. Екипата на „Независен“ на терен забележува дека сигнализација предупредува на кои делници се работи на патот, а сообраќајот се регулира со семафори. Градежни машини носат бетон, а работниците ги поставуваат рабниците на патот, додека други работници на дадени позиции со механизација ја чистат земјата покрај патот од треви и отпад, што асоцира на проширување на коловозот. Возачи со лесни коли, камиони и земјоделска механизација стрпливо чекаат да се пушти семафорот од нивна страна за да го продолжат патувањето, и навидум нема проблеми во одвивањето на сообраќајот. Дури и камионите за РЕК „Битола“ кои деновиве интензивно носат јаглен од Грција за термоелектраната внимателно го обиколуваат заградениот и обезбеден дел од патот.

Нема достапен опис

Овој пат е многу фреквентен заради граничниот премин со Грција. Возачи кои ги затекнавме на патот велат дека нема политичка партија што не ја ветила реконструкцијата на патот Битола-Меџитлија, ама ете дури сега 30 години по осамостојувањето на државата, почнуваат градежните работи. Она што ги обесхрабрува возачите е што патот почна интензивно да се обновува пред зимата.

„Убаво е кога гледате дека нешто се работи, а особено кога се работи на ваков важен пат за Битола и воопшто за државата. Но, стравувам дека кога ќе падне првиот снег, да не случајно го покрие патот и да останат само рабниците сменети. Сепак, да се надеваме дека ќе се обнови во целост и заради границата и заради работниците во ИЗ ‘Жабени’ и заради нас мештаните по пограничните села“, вели младиот возачот Марио.

Нема достапен опис

Од Министерството за транспорт и врски велат дека изведувачот ги започнал работите уште летоска, а патот треба да биде обновен до летото следната година.

„Во однос на рехабилитација на магистралниот пат Битола – Меџитлија, веќе е склучен договор за  негова реконструкција. ЈП за државни патишта склучи договор со конзорциумот ‘Пелагонија и Иса’ со динамички план за работа и изведувачот е воведен во работа на 11.07.2022 година. Рокот за негово завршување по договор е јули 2023 година. Вредноста за рехабилитацијата изнесува 202,8 милиони денари“, ни одговорија од Министерството за транспорт и врски.

За да се има претстава колку е фреквентен патот треба покажуваат и податоците од „Кромберг и Шуберт“. Само во прва смена по магистралниот пат кон фабриката одат 32 автобуси, 25 комбиња, 100 автомобили и 16 камиони на „Кромберг и Шуберт“. А фабриката работи во три смени.

Нема достапен опис

Патот од Битола до Меџитлија е меѓународен пат, тесен, полн со дупки и нерамнини, крпеници, кривини и несигурни позиции опасни по безбедноста во сообраќајот. Жител на селото Кравари вели дека патот кој минува сред село на места нема ни пешачки патики и тротоари, па и самиот имал сообраќајна незгода. Иако на патот не е безбедно да се вози повеќе од 70 км на час, често  по него несовесни возачи набиваат брзина и над 100 км на час. Така последната сообраќајна несреќа заведена во билтенот на СВР Битола е дека жена од Грција, пред десет дена, е тешко повредена на патот Битола-државна граница со Република Грција, управувајќи патничко возило со грчки регистарски ознаки. Таа изгубила контрола, излетала од коловозот и удрила во заштитна ограда. Во несреќата, 51-годишната жена се здобила со тешки телесни повреди, соопшти полицијата.

Во февруари година во тешка сообраќајна несреќа беа повредени над дваесеттина лица откако комбе со работници од германската фабрика „Кромберг и Шуберт“ се судри со патнички автомобил и паркиран камион.

Најмногу заради безбедноста реконструкцијата и проширувањето на патот Битола-Меџитлија е исклучително важен за жителите од регионот.

Доколку обновата на патот заврши во предвидениот рок, тоа значи дека следното лето битолчани покрај целосно обновената железничка пруга од Битола за Грција ќе имаат и реконструиран пат за грчка граница.

Експресниот пат Битола-државна граница со Грција во многу наврати беше ветуван од премиери, министри и градоначалници. Кога пред корона кризата централната власт предводена од СДСМ ја најави рехабилитацијата на патот, битолчани веруваа дека ќе се реализира заради намалената фреквенција на сообраќај и затворената граница, зашто надлежните уверуваа дека парите не се проблем. Сега по кризата, на овој пат повторно е многу динамично, во последниот период, што поради транспортот на јаглен за РЕК „Битола“, што поради зачестеното патување на Грците од северот на државата во Битола и внатрешноста. Грците се’ повеќе доаѓаат на пазарување во Битола и Прилеп, а нашите граѓани често одат во „Лидл“ во потрга по поевтини прехранбени продукти, ама и во Лерин на гиро.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани