АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пишува Иванчо Тошевски, поранешен советник во Советот на Општина Битола и член на ВМРО-ДПМНЕ
Секое поголемо населено место во Македонија, во едно минато време, си имаше локација која граѓаните популарно ја нарекуваа ВПШ или „ваша последна шанса“ и воглавно, таквите локации беа збиралиште за повозрасните ергени. Тие локации останаа во сеќавање на повозрасните генерации, но помладите се сведоци на се поголем број на ВПШ политичари во Македонија. Тоа се политичари со мајндсет подесен од матното време на транзицијата, кои се заглавени некаде помеѓу нивното его и жедта за моќ од една страна, и мудроста на генерациите на новото време од друга страна. Овие ВПШ политичари глумат дека се политички факири, а всушност се безлични емотивни инвалиди и се симбол на разединувањето на македонскиот народ и останатите граѓани на Македонија. Истите, никако не можат да сфатат и разберат, дека е дојдено времето кога самите треба мирно да го испуштат својот последен политички здив, да ги упокојат своите политички кариери и со најдобра мисла до генерациите кои следат, да упатат силни пораки за обединување со цел да ги признаат своите грешки и побараат прошка од Бог и од народот.
Во моментов симбол и предводник на оваа категорија на ВПШ политичари е „Нашиот претседател“ - Стево од ВПШ. И Стево, воопшто не е за жалење, што нему му дојде редот да ја плати „политичката крчма“ и што во моментов е најповикан за предводник на ВПШ категоријата на политичари. Нему, најмногу му прилега - тој што последен ќе остане, тој и ќе ја плати сметката! За сметката ќе му помогнат и други, но ако тој се промовира во јавност дека е „Нашиот претседател“, тогаш време е да се присети на сите крупни промашувања што ги направија заедно со струмичкиот пазарџија, со Агата Кристи од Гевгелија и кумановскиот Херкул Поаро, со Коле од димитровци, и со сите тие на кои им дозволија со пари од народот да си го откупат имотот кој претходно им бил одземен.
Време е дојдено Стево, да покажеш дали имало барем малку државничко и човечко во тебе!
Каков крај?
Секогаш имаме по некоја опција за тоа каков крај треба да одбереме. Првата и разумна опција е итно да се повлечете од кампањата за претседател и истовремено да повикате на семакедонско и сенародно обединување и помирување. Всушност оваа прва опција е „ВАША ПОСЛЕДНА ШАНСА“ со која ќе покажите малку покајание за сите ваши пропусти. Оваа прва опција е и „ВАША ПОСЛЕДНА ШАНСА“ да и' помогнете на СДСМ за брзо регенерирање и реформирање т.е. да им помогнете на сите чесни социјалдемократи кои ви поклонија мандат во 2019 година. Во спротивно СДСМ долго време после ова ќе хибернира и ќе вегетира без предвидлива иднина. Дајте им повторна шанса на сите чесни и млади луѓе во Македонија на кои им ги уништивте и животот и надежта. Повлечете се, повикајте на обединување, заминете достоинствено и со вас повлечете ги сите ВПШ политичари, неважно кој од каде доаѓа, и да не ги гледаме повеќе. А, дека СДСМ ви поклони мандат, доказ се и претседателските избори во 2019 година, кога во време на најсилно СДСМ, вие во Битола, загубивте и во двата круга од Гордана Силјановска – Давкова. Тогаш во Битола, која секогаш била и е предвесник и носител на промените, успеавте да загубите, и тоа само година и половина подоцна, после убедливата победа, со 13.500 гласови разлика во корист на СДСМ на локалните избори.
Втората опција се вика СРАМ за „Нашиот претседател“ – Стево од ВПШ. Сега во 2024 година, било која опција на политички инжинеринг нема да ви помине. За вас, тоа би значело уште поголем срам од овој дебакал во првиот круг, а за народот уште поголем мотив за конечно да ви покаже каде ви е местото понатаму во политиката. Граѓаните на Македонија, независно дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци... не се бројки со кои секогаш можете да си правите весела математика. Тоа се животни судбини на луѓе кои многу повеќе од вас ја сакаат Македонија.
Било која опција да ја одберете, народот во вториот круг на 8 Мај, ќе биде уште повеќе мотивиран да излезе на избори и да гласа за промени, кај народот нема дилема. А, од вас зависи, каков крај ќе изберете, достоинствен или срамен.
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)