2win800x200

Ќе си заминете ли од власта? (пишува Валентин Груевски)

Февруари 25, 2021

 

Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола 

ЛДП САМОСТОЈНО ВО СОБРАНИЕ

Деновиве во политичките кулоари се најактуелни две теми, едната е бегањето и враќањето на Сашо Мијалков, а другата е самостојниот настап на пратениците на ЛДП во македонското собрание. Првата тема имаше ,,среќен“ крај, а втората се уште е актуелна и е интересна за разговор како кај владејачката коалиција, така и помеѓу политичките противници, со различни прогнози за тоа како ќе се заврши, ама предвидувањата се најчесто, не по аргументите туку по личните желби на соговорниците.

Би се задржал на втората тема, поради тоа што, нешто што е нормално и пракса во светот, кај нас предизвикува бура на реакции во јавноста. ЛДП во европски рамки припаѓа на коалицијата АЛДЕ и е нејзин полноправен член, а членството во таа групација, подразбира спроведување на автентични либерални политики и соодветна препознатливост. Се работи, по број на пратеници, за трета групација во европскиот парламент, партиципиент во доста влади во Европа  и со неколку европски премиери.

ПРЕДНОСТИ

На самостојниот настап се промовирање на либералните вредности, либерални политики и поголема визибилност на партијата. Секако дека тоа и е многу попотребно на секоја партија која има помал број на пратеници и помала инфраструктура. За неа секој момент на настап е исклучително значаен, и максимално мора да се искористи. При еден ваков настап доаѓа до израз квалитетот на пратениците, што ЛДП сигурно го поседува, а се подобрува и квалитетот на самото собрание.

 Ваквиот настап носи и повеќе политичка култура и повеќе демократија, а за тоа сите се залагаме. Демократија затоа што кога ќе го слушнете мислењето од повеќе страни кои имаат различни разбирања за нештата, ама сакаат најдобро решение, тогаш одлуката која ќе биде донесена ќе биди многу поквалитетна. Различните размислувања можат да бидат само богатство, а никако пречка за развојот, ни на државата, ни на општината.

ЌЕ СИ ЗАМИНЕТЕ ЛИ ОД ВЛАСТА ?

Беше прашањето кое најчесто беше поставувано во претходниот период и мене и на многу други членови на ЛДП. Одговорот е едноставен и многу лесен. Зошто да си заминеме од нешто што е наше колку што е и на другите. Нашето учество во власта е сразмерно на нашиот придонес во победата. Барем така треба да е. И јас, а и многу други членови на ЛДП, оваа власт со сите свои мани и недостатоци, се разбира и со сите свои добри работи и предности ја чувствуваме како наша, затоа шо многумина од нас беа жестоки и јавни критичари на претходниот режим, многу повеќе од некои кои сега зборуваат за поддршка кон најголемата партија во власта.

Секоја партија има сопствени органи и сопствен систем на одлучување, и тоа треба и мора да се почитува. Јас искрено ја застапувам идејата за коалицирање кое би било после спроведени избори, се разбира ако тоа биде пропратено  со отворени листи на локални избори и една изборна единица на парламентарни избори, со некој минимален праг од 1 или 2 %. Тоа би било вистинска демократија, каде секој глас на граѓаните би се броел и советот и собранието ќе бидат вистински претставници на гласачите.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани