Webp.net gifmaker

Писмо до битолскиот жаргон (пишува Зоран Николовски)

Јуни 29, 2021

Почитуван мој жаргон битолски,

Го пишувам ова мое писмо за да ти се заблагодарам за с`е што направи за мене и од мене, да ти се заблагодарам за твојата дарежливост и стрпливост. Воедно, ја користам оваа пригода и да побарам прочка од тебе, за нашиот повеќегодишен прекин во комуникацијaта. Па, христијански е да се прости – нели ?

Одамна беше, поминаа многу години од она време кога јас и ти интетнзивно и секојдневно се дружевме, разговаравме, живеевме. Признавам, без тебе не можев ништо да направам. Ти ми ги подари и првите зборови и просто ми ги “посади” во устата. Бевме заедно и кога разговарав со моите родители, моите комшии, со моите пријатели и другари. Ти беше со мене и во моите први писмени работи во училиштето, а бевме заедно и на сите мои разговори по телефон. Несвесно те користев и употребував и во секоја друга прилика; на родендени, свадби, крштевки и при изразување сочуство на погреби. Мојата прва љубов, како со месечева прашина ја “опсипував” со твоите зборови и кованици. Ти беше (просто) МОЈ ! Плачев и се радував, сонував на битолски жаргон.

Но, како минуваа годините, ние се повеќе се оддалечувавме еден од друг. Нашиот последен валц (како оној No.2 на Шостакович), го заигравме при крајот на моите средношколски и почетокот на факултетските денови. Знам, за с`е е виновна БЕЛЕТРИСТИКАТА. Таа ми отвори еден нов свет на убаво изразување и убаво зборување, свет на убаво пишување. Тогаш научив како да ја користам буквата “Т, на пр. другароТ. Белетристиката се вмеша во нашата врска, застана меѓу нас како непробоен панцир и по извесно време, целосно не раздели – не скара. Јас и се препуштив на магијата на новото непознато, на новиот “јазик”, а на тебе целосно заборавив. Зборовите: “ЧУПЕ”, “АЛТОБУСО”, “САТО” , ги заменив со: девојка, автобусот, часовникот. Јас не се срамам од тебе - далеку да е ! Јас и ден – денес, со радост те користам при разговор со битолчани, онака шмеќерски - по битолски. И покрај с`е, јас знам дека ти се гордееш со мене, оти сиот твој раскош уште повеќе го збогатив со нови зборови и фрази, нови украси и конструкции на реченици. Мене не смееш да ми се лутиш, атер за Владимир Костов, Петре М. Андреевски, Стале Попов, атер за Радован Цветковски и Панде Манојлов, атер за Златко Жоглев, Зоран Пејковски и многу други….

Ти засекогаш ќе бидеш дел од мене, а (ова нека остане меѓу нас), јас сеуште соништата мој ги сонувам со твоја помош на битолски жаргон, онака шмеќерски - по битолски, затоа што:

БИТОЛЧАНЕЦ НЕ Е ГЕОГРАФСКО ПОТЕКЛО, БИТОЛЧАНЕЦ Е СОСТОЈБА НА ДУХОТ !

Со почит,

Твојо(т) Дипл. Инг. Арх. Зоран Николовски

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани