АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Ако новинарите не го „измислеа“ земјотресот во Битола, се прашувам за што ќе пишуваа цела вечер до сабајле? Си најдоа тема да останат без сон до утро, да шетаат по улици и да ги плашат граѓаните. Не со ковид, сега со изронети тавани, фасади, ѕидови. Како земјотресот така ги „измислија’’ и штетите.
Само вака иронично може да се одговори на навредливиот пост што се појави на фејсбук група во која членуваат поголема група битолчанки. Постот гласеше „дали навистина има материјални штети или измислуваат новинарите?“ Истиот ден една друга битолчанка преку скриншот објави некаков текст, а на него не се гледаше ни автор , ни медиум, а за објавената содржина сите медиуми ги стави во ист кош и праша „дали во државата останал новинар со здрав ум?’’.
Е сега, јас прашувам дали некој со здрав ум би помислил дека покрај страшниот земјотрес што го почувствуваме во Битола, новинарите си измислуваат пукнати тавани и откорнати фасади? Битолчани ја минаа ноќта на улици, коли, викендици, во секоја трета или четврта куќа има пункатини, било помали или поголеми, а некој прашува дали тоа новинарите заговор прават.
Земјотресот роди канонада од критикие. Едни се нервираа зашто немало вонредни вести на полноќ за Битола, а други не̍ критикуваа дека многу често сме објавувале, па сме ширеле паника. Едни регираа оти километри за земјотресот не се спомнале, а други дека се спомнувале. На некои, со право им присмета што новинарите од Скопје објавија дека тие го почувствувале земјотресот, а не ја спомнале Битола.
Кога сме на таа тема еден совет- прашајте се што медиуми следите? Дали се локални или не? Или дали имаат дописник од вашиот град? Голем дел вестите што денес можат да се прочитаат на фб не се од медиуми, нити од новинари. Советот за етика во медиумите има направено регистар со медиуми кои ги исполнуваат професионалните критериуми. Еве го линкот https://promedia.mk/main
Денес кога сите глумат медиумска писменост, треба да се знае како да се избере професионален медиум и каде ќе ги добиете потребните информации за вашиот град. Но, и меѓу овие медиуми има такви кои не сакаат да плаќаат за дописници или не можат. Тогаш немаат инфо за Битола или чекаат да преземат од некој од локалните новинари.
За да не не̍ дрмаат скопјани како што ќе им текне, треба да се поддржат локалните медиуми и дописници. Тоа се прави со споделување на нивни текстови, лајк на нивните објави, а не кражби без да се наведе автор. Локалните компании место да се рекламираат во Скопје, со реклами да ги помогнат битолските медиуми. За да ги има, ако на некој тоа им е важно. Често се случува како локални медиуми да останеме на терен цела вечер, а некои наши сограѓани да споделат вест од скопски медиуми, која најчесто е препишана од нас, апла украдена. Затоа треба повеќе взаемно да се поддржуваме.
И новинарите не се боксерска вреќа. Замислите да се изнесат навреди за доктори, судии, адвокати, професори, ќе тужат. Токму затоа и новинарите покренуваат иницијатива да ангажираат адвокатска канцеларија која ќе поднесува тужби за навреди, клевети и секако за украдени текстови и фотографии. Беше крајно време.