2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

6 декември 2022, Босански Петровац

Простата и строга историска нарација на жените во 20 век е „исткаена“ од две нитки: на трудот и војните. Масовното вработување во индустриското производство, двете светски војни и комунистичката револуција неповратно ги промениле социјалните улоги во приватниот и јавниот простор. Во политичкиот простор, женските движења за рамноправност и економска еманципација изградиле идеолошки платформи што се испреплетувале со националната и државната изградба во 20 век. Учеството на женско население во револуционерните, националните и герилските движења за време на Втората светска војна ги претставуваат основните полигони на женското учество во создавањето на политичката историја на светот, а истовремено претставуваат и фасцинантна приказна за човечката борба и потреба за цивилизациски скок напред.

И жените од Македонија низ организираното антифашистичко движење „станале дел од историјата“. Тој процес се финализирал за време на Втората светска војна. Во обемната документациска збирка од 1976 година за учеството на жените во НОБ се наоѓаат 5.752 биографски белешки на партизанки; 141 жена од Македонија го носи признанието „Партизанска споменица 1941“; и 7 жени се прогласени за народни херои: Мара Нацева, Оливера Јоциќ-Вера, Ибе Паликуќа, Естреја Овадија-Мара, Елпида Караманди, Вера Ацева, Фана Кочовска.

Ја спомнав документацијата и историските извори кои ја документираат оваа важна човечка повест. А за важноста на документите и изворите од историјата на жените на постјугословенскиот простор, како и за опасноста и последиците од губењето на архивите на женското живеено искуство, би сакала да споделам со вас еден пример од нашето современо искуство како активистки, историчарки на нашата заедница и хроничарки на минатите и современите борби. Во тој контекст, Ништо не ја сумира состојбата на терен, состојбата во нашите институции и училишта подобро од положбата документите создавани од и за општествената работа на АФЖ, т.е. состојбата на нивна заборавеност на нивно бледнеење во челуста на заборавот.

Во текот на изминатата година, заедно со македонска активистка Јана Коцевска започнавме еден обемен истражувачки и активистички процес посветен на сеќавањето и историјата на првото македонско женско списание „Македонка - Орган на АФЖ“. Искуствата од таа наша работа, особено нивната последица во просторот на политиките на сеќавање, сметам дека е важно да ги споделам тука.

Како историски извор, овој печат бил дел од изворите на научната литература од младата македонска историографија, во форма на објавени архивски колекции, што по првпат ја демистифицирале сликата за македонската жена како безличен и безимен дел од историјата. Пошироката цел била жените конечно да се изнесат на челото на националната историографија, како еднакви учесници во создавањето на државноста – цврста гаранција за иднината на нивните политички, социјални и економски права стекнати во блиското минато. Јазикот на АФЖ во списанието, на кој зборувале и пишувале за политичката вклученост на жените бил составен од неколку формули: „политичко издигнување“, „рамноправие“, „еманципација“, „ослободување на жената“, „тргање на мракот од очите“ и „хуманизација на односите меѓу половите“.

Кога се соочуваме со извор од историјата на АФЖ, од една страна преплавени сме од епистемолошките и културолошките потенцијали, Но, веднаш штом му пристапиме на изворот од истражувачки аспект, како главна потреба се јавува пополнувањето на празнините поврзани со конкретните услови, контекст и мрежа на личности кои биле вклучени во реализацијата на оваа важна документација. Состојбата на „фактографски дефицит“, т.е. недостатокот на поширок историографски полигон на кој би се изведувала теоретска артикулација на секоја понатамошна критичка анализа, јасно упатува дека списанијата, архивите и друго наследство до истроијата на АФЖ, денес првенствено претставува извор обвиен во заборав. Затоа, првото прашање што си го поставивме при преиспитувањето на положбата на списанието „Македонка“, како и во политиките на сеќавање, беше: зошто не постои интерес, во рамките на националните институции, за ретките остатоци од историјата на жените, каде што критичкиот пристап и родовата перспектива би се сметале за продуктивни? Краткиот преглед на главните одлики на застапеноста на списанието „Македонка“ во официјалниот наратив, како и во културата на сеќавање, може да ни биде од помош при давањето одговор.

Имено, уште во 1952 година АФЖ на Југославија и организацијата-наследник – СДЖ на Југославија, на централно и локално ниво почнале со создавање сопствен архив. Станувало збор за одлука да се почне со собирање документација, извори, сведоштва и мемоарски документи за учеството на жените во НОБ. Овој материјал подоцна требало архивски да се систематизира, но и од него да произлезат стручни монографии. На републичко ниво, во Македонија тој процес почнал дури во 1963 година од вработените во Институтот за национална историја и завршил во 1976 година, со издавањето на Зборникот документи на авторките Вера Весковиќ-Вангели и Марија Јовановиќ. До крајот на 20 век, оваа документација се користела како извор во научна и во комеморативна функција во формализираната социјалистичка култура на сеќавање.

По промената на системот во 1991 година, почнува заборавот на списанието во двојна смисла: и како дел од културата на периодика и како историски извор. Би можело да се каже дека споменот за списанието егзистирал во мнемониски ќошиња, како организациите кои произлегле од Сојузот на борци од НОБ како одржувачи на антифашистичката традиција; или во работата на поединци истражувачи од академското милје. Оваа криза на женскиот архив во постјугословенските општества посочува кон заклучокот дека исклучувањето на жените од сферата на моќ и (политички релевантните) знаења е најдобар доказ за автократска, контроверзна, недовршена модернизација. Всушност, една поразителна последица од заборавот во овој случај е губењето на врската помеѓу вредностите на АФЖ од политичка, културолошка и економска природа, со современите концепти за родовата еднаковост. Денес се почесто патот на еманципација на жените „се зема здраво за готово“, т.е. се заборава на потчовечката положба на жените пред само еден век. Тука мора целосно да се согласиме со идејата дека историското паметење е предуслов за креирање стратегии за општествени промени во сегашниот момент.

На крајот од нашата работа со важните извори за АФЖ на републичко и локално Македонско ниво, произлезе вреден зборник академски текстови, прв по 1970-те години, како и остварување на нашите напори за дигитална и слободна достапност на овој важен извор. Ние како активистки и како професионалци од областа на релевантните науки, мора да пристапиме кон една широка активност за поттикнување на институциите задолжени за чување на ова архивско наследство кон решавање на проблемите со заборавот. Притоа мора да бараме пристап кој го истакнува најважниот аспект на ова наследтсво: неговата центрираност на женското живеено искуство кое нуди поинакви наративи во нашите општества, често отруени со национализам и реакција на паланечките пракси. Со конзервирање на женското живеено искуство, создаваме „женски архив“, каде што се одвива константно потсетување на заедницата за неговиот значај.

И на крајот другарки, барањата за рамноправност често значат и предизвикување на воспоставените хиерархии. Така, додека формите на феминизмот и неговите делувања постојано се менуваат и напредуваат, реакцијата останува иста и може да се спореди со онаа од 19 век, со онаа од средината на 20 век и со таа од пред 10 години. Станува збор за мрзелив, популистички и квазиегалитарен сентимент дека „феминизмот не е за сиромашни држави“, дека ние сѐ уште „не сме на тоа ниво да се занимаваме со родови аспекти“ и сл. Она што јас го согледувам од историска перспектива е дека феминизмот кај нас има развиено една многу значајна функција за напредок на општеството, а тоа е воспоставување практика дека борбите се водат истовремено и на повеќе фронтови, за различни групи поединци и заедници. А токму таа точка од развојот на феминизмот во нашите општества води директно до работата и праксите на АФЖ.

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани