АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Екипите на ЈКП "Водовод" интензивно работат на санирање на настанатите дефекти на водоводната мрежа, јавија од претпријатието на својот фејсбук профил. Тие објавија и снимен материјал од санацијата на дефектот кај населбата Каланица во близина на Железното мовче каде се гледа дека се работи за сериозна интервенција. На снимката може да се види дека се интервенира со багери, ископан е асфалтот за да се стигне до испуканите цевки, а насобраната вода се исфрла во реката Драгор.
Вечрава се јавија четири поголеми дефекти на водоводната мрежа во Битола. Дефектите се во делот под населбата Кланица, кај Железниот мост на Булеварот „Први Мај“, на „Партизанска“ кај поранешната касарна, Буковски Ливади и Долно Оризари.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери поднесоа иницијатива за свикување на вонредна седница на Советот на Општина Битола за утре со почеток во 9 часот.
„Со следниот дневен ред: барање до Владата на РМ да прогласи вонредна состојба на територијата на општина Битола. Итни мерки за справување со временските неприлики на територијата на Општина Битола, и тоа барање за активирање на Дирекцијата за заштита и спасување за справување со временските неприлики, со активирање на дополнителна механизација, барање за вклучување на волонтерската служба на Црвен крст со цел обезбедување на потребните намирници и лекови на граѓаните од отсечените делови од градот“, рече советничката Елена Трајчевска од ВМРО-ДПМНЕ.
На седницата бараат донесување одлука за координирана акција на сите јавни претпријатија, сообраќајната инспекција и СВР Битола во целосно чистење на паркинзите, коловозите, пешачките патеки и обезбедување пристап до сите институции.
Како причини за оправданоста за ваквата вонредна седница ги наведуваат експремно ниските температури, големите врнежи снег, зголемениот број повреди, а како што изјави Трајчевска, деновиве снежното невреме ја однесе и правата жртва во сообраќајна несреќа во Битолско.
Од снегот исчистени се сите главни патишта, 70 проценти од споредните улици, приодите до сите градски населби, пазарите, дел од тротоарите, патеките низ парковите, приодите до институциите, соопштија директорите на јавните претпријатија од Битола кои со здружени сили учествуваат во расчистувањето на градот од снежните врнежи.
На полноќ од снег се чистеа паркингот на плоштадот Гоце Делчев и главната битолска улица Широк Сокак. По повеќето критики од страна на битолчани дека местата за зонско паркирање не се исчистени, вечерва околу полноќ, во периодот кога немаше возила, багер го чистеше паркингот пред Центарот за култура.
Нови 20 сантиметри снег наврнаа во ски центарот „Нижеполе“ на Баба Планина. Од Јавното претпријатие „Стрежево“ кое стопанисува со центарот соопштија дека нивните екипи ги подготвија терените за скијање, патот до Нижеполе е прооден,ски - лифтовите се во функција, а гостите можат да се згреат со топол планински чај во чајџилница. Таму ски сезоната продложува со несмален интензитет.
Поради обилните врнежи од снег и најавите за многу ниски температури во наредниот период, Советничката групa Поинаку, ја повикува градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска и претседателот на Совет, Валентин Груевски, во текот на денешниот ден да свикаат вонредна седница на Советот на Општина Битола, со една точка на дневен ред: „Превземање на итни мерки за справување со алармантната состојба во Битола, поради временската неприлика во која се наоѓа“.
„Доколку градоначалничката или претседателот не го сторат тоа, ги повикуваме советниците, без разлика на политичка определба да не поддржат во барањето и заедно да побараме вонредна седница на советот“, велат од Поинаку.
Во Битола сеуште врне снег со зголемен интензитет. Во изминатите 24 часа новиот снежен бран од 30-тина, а наместа и 40 сантиметри, кој се надополни на веќе постоечкиот снег, донесе нови отежнувања во сообраќајот и одвивањето на секојдневните активности во Битола. Утринава, повторно започна координираната акција на Општина Битола со јавните претпријатија во градот, кои со своите екипи, иако постојано се на терен, ги мобилизираат сите свои капацитети за нормализирање на коловозите и тротоарите во градот и околните населени места, соопштија од Општина Битола.
Во соопштението пишува дека од вчера, КЈП „Нискоградба“ на терен исфрли околу 30 тони сол и околу 50 тони ризла низ сообраќајниците, а ставена е во функција целокупната механизација за чистење на коловозите. До утринава, оспособени се улиците од прв и втор приоритет, а се чистат патните правци кон населените места надвор од градското подрачје на Општина Битола. Се очекува 90% од населените места надвор од градот до претпладневните часови да имаат проодни патишта кон градот, по што ќе се пристапи кон чистење на пристапните улици од градските населби, кои не се опфатени со планот од прв и втор приоритет.
ЈП „Комуналец“ со своите екипи врши чистење на тротоарите, мостовите и пешачките патеки за оспособување на движењето на граѓаните. По главните коловози, на кои има тротоари, чистењето се одвива со механизација, а наместа работниците чистењето го вршат рачно со лопати, по што тротоарите се попрскуваат со ризла. Паралелно, вработените го чистеа градското шеталиште и парковите во градот, кои веќе имаат проодни пристапи. Главен проблем со кој се соочуваат екипите на „Комуналец“ е отстранувањето на ѓубрето, кое е отежнато во помалите улици поради затрупаноста со снег, но исто така и поради пристапите до контејнерите со ѓубре, кои се затворени од паркираните автомобили. Од ова јавно претпријатие апелираат граѓаните да не ги блокираат контејнерите за отпад, а истовремено, поради отежнатата проодност во помалите улици, ги замолуваат граѓаните на трпеливост во однос на собирањето на сметот.
Од ЈКП „Водовод“ информираат дека во текот на изминатите 24 часа, поради попуштање на температурите на сегашните -3 степени, по вчерашните -15, пријавено е оштетување и пукање на околу 70 нови водомери. Од таму велат дека водоснабдувањето во градот е нормално и тековно, но ги замолуваат граѓаните да ги заштитат своите водомери, затоа што со покачувањето на температурите се очекуваат нови дефекти.
Јавните претпријатија на денешната координативна средба ги договорија и активностите околу отстранувањата на големите количини снег. Откако ќе биде намалена потребата од постојано чистење на коловозите и тротоарите поради врнежите од снег кои сеуште траат, во текот на наредните денови и во текот на престојниот викенд механизацијата и работната сила ќе биде вклучена во отстранување на големите количини снег кои се оставени на рабовите на коловозите, по Широк Сокак и Старата чаршија.
Претпладнево Општина Битола и СВР Битола ги договараа активностите во однос на поголема координација на битолската полиција за справување со актуелната состојба, со соодветни насоки за зголемена безбедност во сообраќајот и движењето на пешаците. Апелот од СВР Битола до возачите е да не ги паркираат автомобилите на улица, затоа што во вакви услови дополнително се блокира отежнатиот сообраќај во градот.
Општина Битола апелира до граѓаните на поголемо разбирање за актуелната состојба во градот поради енормните снежни врнежи, која е речиси невозможно да се предвиди во вакви размери. Исто така, Општина Битола апелира на поголема совесност до граѓаните да не го фрлаат снегот кој го чистат од домовите и тротоарите, на коловозите кои се веќе исчистени со механизација.
Механизацијата на ЈП,,Нискоградба" попладнево го чистеше снегот на Широк Сокак и низ улиците во битолската чаршија. Во расчистувањето се вклучија и некои дуќанџии кои со лопати во рацете ги чистеа приодите до дуќаните. Од снегот што се чисти на среде Широк Сокак се натрупани купчиња, па минувачите го нагазуваат снегот, правејќи премини од една на друга страна од улицата.
Генералниот секретар на СДСМ и пратеник Александар Кирацоски на денешната прес конференција соопшти дека во Собранието има обезбедено мнозинство од 80 пратеници за усвојување на уставните измени согласно договорот од Преспа.