АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Белградскиот мецосопран Ана Синицки деновиве со родителите ја посети Битола, градот од каде потекнува нејзиното семејство. Мајка ѝ е битолчанка, а татко ѝ има руско потекло, но и тој живеел во Битола.
Иако Ана е родена во Белград, а досега живеела во Србија, Италија и САД, таа вели дека во срцето се чувствува како битолчанка.
Ова му го рекла на битолчанецот Владо Стојанов со кого денес оставрила средба во ресторанот „Епинал“. Тоа е човекот кој си зададе една благородна мисија- истакнати уметници ширум светот со битолско потекло да ги поврзи со родниот крај. Таков беше случајот и со еврејската пејачка Сара Ароесте, која води потекло од Битола, а Стојанов и помогна да дојде во родниот крај на нејзините предци и да одржи концерт.
„Родителите на Ана ми беа соседи, живееја во близина на Митрополијата. Потоа се преселија во Белград. Ана Синицки е фантастичен мецосопран и разговаравме околу можностите да настапи во родниот град на нејзините родители. Ја поврзав со лица од областа на културата, па за следните месеци се кројат планови за нејзин настап“, ни рече битолчанецот Владо Стојанов.
Ана Синицки во Белград завршила Музичка академија и постдипломски студии на Јејл во САД. Настапувала во Њујорк и Конектикат, Милано, Белград и низ други европски метрополи. Во изминатите години имала настап и на Битолското културно лето.
Спотиви за дел од своите музички нумери снимила во Македонија. Минатата година снимила и спот за македонската народна песна „Ајде слушај, слушај, Калеш бре Анѓо“ во родното место на Калеш Анѓа, во Мариово. Ана во сите свои интервјуа вели дека Македонија ѝ има прираснато за срце зашто секој распуст го минувала тука. Воодушевена е од природните реткости и убавината на македонскиот музички мелос.
Покрај тоа што многу убаво пее, таа е и полиглот, зборува седум јазици, меѓу кои и македонски.