Интегрална изјава на Кети Неделковска, советник од СДСМ и коалицијата во Советот на Општина Битола
При усвојувањето на завршната сметка и извештајот за работа на општината за 2022 година, градоначалникот Тони Коњановски и советниците од ДПМНЕ се жалат дека Владата ја запоставува општината оти ДПМНЕ е на власт во Битола. Па, затоа немало пари за школството, за справување со кучињата скитници и така натаму.
Но, ништо не може да ја скрие неспособноста на Коњановски и коалицијата што раководи со градот.
Фактите се следни. За наменски дотации од државниот буџет, Владата на
Република Северна Македонија во 2022 година префрлила скоро 900 милиони денари. Поточно, 14 и пол милиони евра. Лани Битола добила убедливо најмногу пари од Владата од било кога досега, но вистинското прашање е за што ги потрошија Коњановски и компанијата околу него овие средства.
Владата префрла средства и по други основи, како што се ДДВ, закуп на земјоделско земјиште, персонален данок, комунална такса за улично осветлување. Само по овие четири основи во 2022 година префрлила над 4,7 милиони евра во Битола.
Не е проблемот колку пари доаѓаат од државата во Битола, туку како се трошат. Коњановски само лани потроши 30 милиони евра, ама не изгради ниту спортски центар, ниту стационар, ниту училиште во Буковски ливади. Стави само еден синџир кај Пионерски. Парите на битолчани отидоа за патувања, во земјата и странство, за договорни услуги и разни трансфери на кои не им се знае крајот. Колку и да му префрли Владата на оваа гарнитура предводена од Коњановски, тие ги трошат парите безмилосно. Факт е дека во Битола нема никаква промена на подобро за што секој граѓанин може сам да се увери ако прошета низ градот и околината.