Соопштение на СДСМ Битола
Поделеноста што се појави во ДПМНЕ и хаосот што завладеа во општинската зграда откако излезе на виделина како градоначалникот Тони Коњановски и општинскиот секретар, Борче Димитровски, ги делат парите за култура, спорт и млади, не смее да биде причина за нова кавга на Коњановски со советниците во Советот на Општина Битола!
Советот на Општина Битола ја усвои програмата за култура на Општина Битола за 2023 година на седницата одржана на 27 декември 2022 година. Програмата е објавена во Службениот гласник на Општина Битола бр. 16 со онолку средства колку што предложи градоначалникот Тони Коњановски. На вчерашната прес конференција истиот тој Тони Коњановски, кој во декември предложи програма за култура, се жали дека “Советот нема да дозволи, проширување на средствата потребни за реализација на сите планирани настани за БИТ ФЕСТ 2023”. Затоа, прашуваме:
- Дали Коњановски ги потроши сите пари за култура што самиот тој ги предвиде за цела 2023 година, па треба со ребаланс на буџетот да се додаваат пари за културни настани?
- Дали Коњановски врши притисок врз советниците да поддржат ребаланс на буџет за да се одвојат дополнителни пари за културни настани во Битола?
- Дали Коњановски повикува на линч врз советниците од страна на уметниците кои, како што вели тој, “покажаа интерес да настапат на Битолското културно лето, но недостатокот на поддршка од Советот, ги ограничува и финансиските ресурси…”?
Градоначалниче Коњановски, со секој поминат ден, сте сѐ подалеку од репутацијата која ја градевте со години, низ вашиот професионален ангажман. Очигледно, функцијата градоначалник Ве промени и од докторот Коњановски не остана ни трага, ни глас. Секој ден измислувате нови лаги, манипулирате со граѓаните, се карате со советниците, вршите поделби...
Никој не Ви е крив, градоначалниче Коњановски, што ги потрошивте парите предвидени за култура за цела 2023 година, пред да дојде летото. На уметниците и на Битола требаше да мислите пред да делите баснословни суми на сопартијци, роднини и пријатели. Битфест беше и остана пералница за пари на ДПМНЕ, а Вие, градоначалниче Коњановски, очигледно сте верни на традицијата и продолжувате со истото темпо и начин на однесување како Вашиот партиски другар, Владимир Талески. Матрицата е иста, само што сега тој е во ладовина, а Вие ќе треба да им објасните на битолчани и на уметниците дека парите за култура што ги побаравте во декември и што советниците Ви ги одобрија, ги нема!