2win800x200

Заев на Корчуланската Школа: Војната во Украина е и војна на вредности, агресивните тоталитарни модели мора да бидат победени

Август 25, 2023

Поранешниот премиер на Република Северна Македонија Зоран Заев настапи како говорник на отворањето на овогодишната Корчуланска школа во Хрватска, на којашто оваа година една од темите е „Научените лекции од конфилктите на Балканот во перспектива на војната во Украина“.

Во своето обраќање Заев потенцираше дека „од една страна војната во Украина од аспект на Украинците и нивните политички и воени лидери е борба против агресорот. Борба за одбрана и заштита на нејзиниот суверенитет и територија. Во таа борба тие ја заслужуваат целата наша и поддршката на прогресивниот свет“.

„Но, кога велам дека војната во Украина е и војна на вредностите, сакам да кажам дека и тоа е наша битка затоа што тоа е битка меѓу демократијата и автократијата. Станува збор за идеолошка војна на слободата и неслободата, односно тоталитаризмот, како два концепти врз основа на кои се уредуваат демократските, отворени и слободни општества и затворените, заробени диктаторски општествени заедници“, истакна Заев во своето обраќање во Корчула.

Зоран Заев порача дека „слободниот демократски свет не може да биде нем сведок на таа војна и дека мора да го дадеме нашиот придонес и во поддршката на Украина во војната на вредностите.

„Треба да се направи сѐ што е неопходно демократските сили на Украина да ја поразат симболиката на вертикалната хиерархија на автократска Русија. Таа победа ќе биде и наша победа. Спротивно, поразот во војната на вредностите, којашто како таква не се одвива само на територијата на Украина, ќе биде пораз на слободарските, отворени општества“, нагласи Заев.

Во обраќањето на отворањето на Корчуланската Школа Заев потенцираше дека „отпорот кон тоталитарната матрица и единството на демократските сили се основата за да преовладаат прогресивните општества како еднакво важно како и зачувување на меѓународниот мир и стабилност“.

За Заев, како што истакна во своето обраќање „особено важни во тој отпор се солидарноста, сојузништвото и непоколебливото заедништво на општествата и застапниците на иновативните, отворени, прогресивни сили, за родово неподелен пристап кон вредностите на демократија, човекови права, социјалната правда“.

Во таа насока, Заев укажа на некои случувања кои ѝ претходеа на војната во Украина, војната на вредностите, со кои Путин започна да го подготвува теренот за овој, како што го нарече Заев „идеолошки и цивилизациски судир“.  

„Соочени сме со нова ера на несигурност, но тоа не треба да не обесхрабри. Напротив, треба  да не поттикне да бидеме двојно повеќе алертирани и подготвени на долга битка. Западно-европските демократии мора да ја прифатат одговорноста и да го прифатиме тој отпор како наш двигател за одбрана од агресивното наметнување на тоталитарно-религиозните инспирирани модели кои мора да бидат победени“, нагласи Зоран Заев на отворањето на овогодишната Корчуланска школа во Хрватска, на којашто оваа година една од темите е „Научените лекции од конфилктите на Балканот во перспектива на војната во Украина“.

Повеќе на линкот https://racin.mk/

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани