Факултетот за биотехнички науки-Битола по иницијатива на Факултетското студентско собрание спроведе еколошка работна акција за чистење на дворот околу факултетската зграда.
На работната акција во саботата, се вклучија деканот на Факултетот, професори, вработени во службата на Факултетот и студенти.
Иницијативата доаѓа на предлог од новоформираното Факултетско студентско собрание на факултетот, кои во иднина ветуваат и други активности кои ќе бидат во интерес на студентите.
-Факултетот за биотехнички науки-Битола е отворен за соработка со студентите и ги поддржува сите проекти кои ќе придонесат за подобрување на студентскиот стандард, посочуваат од оваа високообразовна установа.
Четиричасовната работна акција која помина во позитивна атмосфера беше
поттикната од потребата за заштита на животната средина, поради што Факултетот заедно со студентите се договорија ваквата еколошка акција да премине во традиција, со што ќе одржува хигиената, а ќе има и пријатна неформална дружба.