2win800x200

110 дена работа-Коњановски ги информира советниците за тековните проекти

Февруари 28, 2022

На денешната Седница на Советот на општина Битола, градоначалникот Тони Коњановски, информираше за тековните проекти и реализираното во досегашниот период:

Согласно принципите на транспарентност и отчетност на кои се обврзавме дека ќе се заснова нашето работење како локална самоуправа во четиригодишниот мандат, накратко сакам да Ве информирам за проектите кои ги започнавме во изминатите 110 дена, притоа подобрувајќи ги одредени процеси, кои особено се поврзани со континуитетот на работењето.

-          Пред седум дена, започнавме со реализација на проектот „Реконструкција, рехабилитација и изградба на 23 улици“. Градежните активности започнаа од улиците „Македонска фаланга“ и вториот дел од ул.„Солунска“. Во моментот, за дел од другите улица во тек се постапки за јавни набавки, со што со подобрувањето на временските услови, ќе бидеме подготвени со целосна документација за отпочнување на изведувачите со работа на терен. Досега, ги завршивме градежните работи на 7 улици во должина од околу 3,5 километри.

-          Имајќи предвид дека состојбата со Мостот кај Безистен, добива во актуелност, се согласувам дека тоа беше непредвидена ситуација, која заради претходно неподготвена документација, доведе до состојба општината да треба да заврши низа постапки и подготовки. Во овој момент, сите процедури кои се однесуваат на нашата надлежност се завршени, добиено е и конзерваторско мислење од Управата за заштита на културното наследство, а се чека водостопанска согласност од Министерството за животна средина, за да може да се побара одобрение од Министерството за транспорт и врски. Очекувам овие постапки и во државните институции да бидат завршени за краток временски период.

-          Во врска со заштитата на животната средина и енергетската ефикасност реализираме повеќе проекти. Од Министерството за животна средина, веќе е побарано ставање во функција на мерната станица Битола 2 и верувам дека и во овој дел ќе имаме успешна соработка, која веќе ја покажавме и при изработката на петгодишниот планза квалитет на амбиентниот воздух. Од другите активности, во овој контекст, деновиве, на терен се работи на поставување на фотонапонски панели на кровот на Спортската сала „Боро Чурлевски“ и поставување на станица за полнење на електрични возила, а ќе отпочнат и подготовки за јавните повици поврзани со повеќе субвенционирања кои произлегуваат од програмата за животна средина

  • Субвенции за набавка на велосипеди
  • Субвенционирање на колективни згради за поставување на енергетски ефикасни фасади и уредување на дворни места
  • Субвенции за чистење на оџаците,

-          Исто така, сакам да Ве известам дека дел од протоколарните средби кои за жал, беа предмет на нечие видео исмевање, веќе имаат конкретни чекори, а еден таков пример е и средбата со Амбасадорот Гир, после што воспоставена е комуникација со канцеларијата на Делегацијата на ЕУ во врска со 8 проекти, од кои половина се однесуваат на заштита на животната средина. Затоа, во иднина сакам да Ве замолам пред да изнесувате одредени политички омаловажувања, добро да се информирате, затоа што сепак тоа може да влијае врз иднината на проектите кои треба да ги реализираме со поддршка од Европски и други меѓународни фондови.

-          Започнавме со работни активности за дигитализација на сите услуги во општината, за што очекувам да биде процес кој ќе се имплементира во период од една година, со цел да не се повтори состојбата со предметите за легализацијата, каде затекнавме 6592нерешени предмети, меѓу кои и предмети од 2011 година, а за период од 3 месеци постапивме по 1100 барања. Покрај дигитализацијата, веќе сме во фаза и на имплементација на нов систем за пријавување на проблеми од граѓаните, кој ќе овозможи брзо и навремено постапување.

-          За четири дена, ќе го реализираме и вториот отворен ден со граѓаните, чија главна цел е како отворена општина, да решиме што повеќе од проблемите на нашите сограѓани, во еден ден, заедно со општинските служби. Од првото искуство се покажа дека некогаш доволно е да се слушне проблемот за да може граѓанинот да се упати на вистинското место и едноставно проблемот да биде решен за еден ден.

-          Се ангажиравме за расчистување на депониите на повеќе локации, но од увидот врз состојбите, согледано е дека низ општината, евидентни се локации кои се нерасчистени многу години, а од друга страна, се доста атрактивни за рекреативни активности на нашите сограѓани. Токму затоа, во координација со јавните претпријатија, ќе започнеме чистење на повеќе локации, преку масовни акции, во кои ќе побарам заедничко делување, со цел да се подигне хигиената во општината на повисоко ниво.

-          Од страна на работна група, веќе се постапува и во врска со проблемот со хаварисаните возила кој не е третиран повеќе години, иако за тоа постои и одлука за комунален ред, донесена во декември 2012 година. Очекувам, за краток временски период, да бидат согледани сите состојби поврзани со законските измени во овој 10 годишен период и веќе во пролетниот период да се пристапи кон отстранување на хаварисаните возила.

-          Направени се и потребните подготовки за отпочнување на целосно чистење и миење на сообраќајниците и тротоарите во пролетниот период.

-          После реализираните состаноци изминатиот период, оваа година очекувам да обезбедиме и времено, функционално решение на проблемот со бездомните животни, што е прилично тешка ситуација и за состојбите низ битолските улици, но и за општинскиот буџет.

-          Се работи на подготовките за новиот генерален урбанистички план, за кој очекувам да биде изработен согласно пропишаниот рок со законската регулатива.

-          Во врска со реализираното во спортот и идните планови, како и проектите кои значат поддршка на младите, информирав на минатата седница, а на денешната веќе се наоѓаат и точки на дневен ред, кои го означуваат континуитетот во овие области.

-          Исто така, продолжуваме и со проектите поврзани со социјална заштита.

-          Во делот на културата, продолжуваме со реализација на проектите кои ги најавивме и ги предвидовме во годишната програма, се разбира со транспарентно информирање на јавноста, како што тоа го практикувавме во изминатите 100 дена. Дополнителна потврда за ова се и доставените информации од страна на општинските служби, во врска со реализираните трошоци за Зимска приказна.

Почитувани,

и покрај енергетската, но и економската криза со која се соочуваме, работиме на комплетна реализација на сите предвидени проекти, со сопствени средства, но и преку обезбедување средства од други фондови. Во оваа насока, веќе работиме и на проектот поврзан со изградба на нова противпожарна единица, но и подобра опременост на постоечката.

Работиме и на тоа што претходно го најавивме, односно ревизија на работата на претходната локална самоуправа.

Загрижувачки се податоците кои досега се обработени во делот на ненаплатени, сега веќе застарени побарувања за комунална такса за фирма т.н фирмарина кои од 15% обработени податоци, изнесуваат 4.400.000 денари. Продолжуваме понатаму не само со ревизија, туку паралелно и со регулирање во овој дел, согласно законската регулатива.

Изминатите 110 дена, претставуваат потврда дека започнавме со ангажман во сите области кои се наша надлежност. Со претстојната работа на терен, бенефитите ќе ги имаме сите, како граѓани на оваа општина, независно од моменталната функција или политичка припадност.

Иако немаме надлежност во делот на акцијата која беше спроведена од страна на МВР ја поддржувам денешната иницијатива да добиеме дополнителни информации за причините за акцијата, затоа што на тој начин ќе знаеме дали и ние како локална самоуправа можеме да се вклучиме во одредени делови и да превенираме одредени ситуации, но ќе ја намалиме и вознемиреноста кај граѓаните на која деновиве бевме сведоци.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани