2win800x200

„Скопје 2014“ оживеа во Новаци, скулптурите со лавови вратени во дворот на општинската зграда

Април 14, 2022

БИТОЛА – Контроверзниот проект „Скопје 2014“ оживеа во пелагониската општина Новаци. Скулптурите со лавови деновиве пак се вратени во дворот на Општина Новаци покрај зелените површини. Власта во општина Новаци се смени на последните локални избори и сега е предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во 2013, кога беа поставени овие скулптури, градоначалник на Новаци беше Лазе Котевски, исто така од ВМРО-ДПМНЕ.

Од кабинетот на новиот градоначалник Стевче Стевановски велат дека лавовите се украси од 2013 година, кои последните 4 години биле отстранети од дворот додека со општината раководеше СДСМ..

„Лавовите во дворот на општината беа поставени во 2013 година со изградбата на новата општинска зграда и уредувањето на дворот на општината. Со доаѓањето на СДСМ на власт прв проект кој го направија беше отстранувањето на овие украси од општинскиот двор. Ги тргнаа и ги оставија во магацинот во општината.

Со пролетното уредување на дворот на општина Новаци ги вративме лавовите на местото каде што беа поставени претходно пред доаѓањето на власт на СДСМ. Ова не претставува никаков проект и не ја чини Општина Новаци ниту денар“, велат од Општина Новаци за „Независен“.

Опозициската СДСМ од општина Новаци, критикува дека од како е Стевановски на власт во изминатите 6 месеци, ова е прв проект на градоначалникот.

„Единствен реализиран проект во овие 6 месеци е поставувањето на лавовите во дворот на општината, симболот на расипничкото 12 годишно владеење, симболот на башибозукот, враќањето на локалните шерифи, непочитувањето на редот и дисциплината во општината и враќањето на старите за нив добри навики на недомаќинско работење“, објавија од ОО на СДСМ Новаци.

Екс градоначалникот на Новаци од редовите на СДСМ, Љубе Кузманоски вели дека откако дошол на власт меѓу најбројните поплаки на граѓаните на оваа рурална општина биле да се отстранат лавовите од дворот на општинската зграда, бидејќи им асоцирало на одредена политичка партија и партизација на општината, што според него не смеело да продолжи.

„Граѓаните бараа општината да нема партиски симболи, затоа не смееше да продолжи делбата и политизацијата. Моја заложба беше да ги обединувам, а не да ги делам граѓаните“, вели Кузманоски.

Засега нема информација колку пари биле платени за лавовите во 2013 година. 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани