Пред 80 години, на денешен ден, 22.04.1942 година, точно една година од окупацијата на Битола од страна на бугарската фашистичка војска и полиција, во пазувите на Баба Планина, во Лавчанската Корија, е формиран првиот партизански одред ПЕЛИСТЕР.
Формирањето на одредот беше нужно, по секојдневниот терор врз битолчани, а особено по априлската провала, кога голем дел од организираните комунисти беа затворани, испитувани и мачени, а особено по херојската смрт на Орде Чопела и Вангел Мајорот.
Партизанскиот имаше за цел да ги подготви борците за ракување со оружје и борба со окупаторот. Борбениот состав на одредот го сочинуваа 21 борец од кои 16 од Битола и 5 од Прилеп. Со одредот раководеа Ѓорѓи Наумов-командант, Димитар Николовски- Таки Даскало- политички комесар и Киро Крстевски- Платник-воен инструктор.
Набрзо, откако преку шпиони е лоциран од бугарската окупаторска војска и полиција, на 3 мај 1942 година над селото Ореово, Битолско е опкружен и разбиен.
Притоа загинаа: народниот херој Елпида Караманди, која всушност, беше тешко ранета, заробена и набрзо свирепо убиена, Димитар Николовски-Таќи Даскало, Димче Хаџи Поповски, Мара Јосифовска-Ѓурѓа, Ордан Михајловски-Оцката и Ордан Орданоски-Сандански. Заробени се: Ѓорѓи Наумов, Кочо Десано и Блаже Димитровски, кои беа одвдени во скопскиот затвор и таму подоцна обесени.
Останатите партизани од Одредот успеаа да се спасат и илегално да дејствуваат во Битола.