АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Со новата градежна сезона започна реконструкцијата на 9 улици во Битола, од предвидените 23 за годинава, потврди денеска градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
На крајот на 2021 година, завршивме 7 отпочнати улици во должина од 3,5 километри кои и ги исплативме, зошто реализацијата на проектите не подразбира само желба нешто да биде направено, туку и нивно завршување и исплата кон изведувачите. Со новата градежна сезона, градежните работи започнаа на 9 улици од предвидените 23 за оваа година, а постепено дел од активностите влегуваат и во завршна фаза. Завршена е улицата „Солунска“, а во тек се активностите на улиците „Македонска фаланга“, „Крушевска република“, „Цане Василев“, „Довлеџик“, „Струшка“ и „Сутјеска“, додека во руралните средини работиме на реконструкција на патот за село Дихово, како и на коловозот на главниот уличен крак во село Логоварди.
За да овозможиме успешна реализација на овој проект кој значи подобра инфраструктура во нашата општина како и за другите проекти од програмите на одделението за комунални дејности и уредување на градежно земјиште, со денешните измени и дополнувања на Буџетот, дел од проектите од едногодишната програма се префрлуваат во развојната програма, што ќе овозможи реализација на средствата согласно потребната динамика за изведба, изјави градоначалникот Тони Коњановски.