2win800x200

Наместо колумна, посвета за моите полуматуранти (пишува проф. Александар Адамовски)

Мај 30, 2022

Драги полуматуранти од Елпида,

Честа, да Ви бидам и класен раководител и предметен наставник по македонски јазик, навистина е посебна и огромна! Први септември, за мене, беше радост, што се вративте во училиштните клупи, после едногодишниот и пол (онлајн) период пред телефоните и компјутерите, дома. Генерациски, бевте, и посакувам да останете добри деца, но пред сѐ, одговорни и паметни, во сите животни околности, со кои ќе се соочите... Успешни, на свој начин, вредни и одговорни, какви што Ве познавам! Допрва, ќе растете и ќе се развивате, емоционално ќе созревате, нели, пред Вас, е средното, па потоа, високото образование. Најважна ми беше, дисциплината и работната атмосфера од Вас, а на тоа работевме прилично долго и сериозно, за што сум благодарен и задоволен! Исто така, без прашање (консултација) на класен, рековме дека не смее ништо да се прави, а тоа добро го научивте и испочитувавте, на многу пријатен начин. Браво! Најважен е, првиот пристап и поставеноста на самиот класен, кон своето одделение. Најважни се, почитта и довербата на двете страни (ученик-наставник и обратно). Ако тоа, успешно се постигне, одделението ќе ги има сите пофалби и ќе биде за пример! Пубертетските години го менуваат секој еден млад човек, па нормално, дека тоа Ви се случи и ќе Ви се случува понатаму. Како наставници, тој период, го насетивме и наидовме на големо разбирање и трпение. Сите часови поминати со Вас, претставуваа приказна за себе, која секогаш има што да испишува, уште нешто повеќе... И запомнете, кај мене, нема: не знам, не можам, појма немам... такво нешто, никако! Верувам, дека секој ученик може да учи и да го разбира и толкува, тоа што го учи. Во секој ученик, постои дар за нешто, талент кој го носи со себе. Моето разбирање, за секој еден од Вас, беше секогаш позитивно примено и доследно сослушано и одговорено. Секогаш, сум излегол и ќе излегувам во Ваш пресрет (макар и во иднина)! Советувањата, ех, тие беа многубројни, но да не ги набројувам, сепак се случувале, со причина и добра намера.

Класен, или како што викаме: втор родител на учениците, е најголема одговорност за одделението и секако за самото училиште. Во секој случај, благородна функција и мисија, која што со волја и радост ја извршував (впрочем, како и изминатите наставни години, кога сум бил класен). Ќе се потрудиме, да ги подзаборавиме сите негативни страни низ школските денови кои ги имаше, а ќе гледаме многу повеќе да ги запаметиме позитивните случувања... Уште, на првиот класен час, ако добро се сеќавате, Ви реков дека секој ден ќе бидам со Вас и ќе ги следам сите случувања во одделението. Навистина, така беше, го исполнив ветениот збор, оти секој класен, си има свои принципи и критериуми на поставување и работење со своето одделение. Имавме прилично многу интересни за дебата - работилници од Животни вештини, теми од секојдневниот живот кои Ве тераа да размислувате и да се вклучувате во дискусија. Оправдани/неоправдани, регулиравме навреме и без никаков проблем. Сме имале часови и во природа, така што, класниот час, многу значи и во никој случај, не нѝ поминал туку-така, седејќи, дремејќи. Секој наставник, е креатор на својот час, а најважно е: да знае, што денес сработил на тој час и колку успешно поминал. Тоа се вика средување на дневни впечатоци... Благодарност и до родителите, кои умееја коректно и разбрано да соработуваат и да комуницираат со класен.

IX – В одд. или како повеќето класни, што би рекле: моето одделение, или: да, тие се моите (деца), јас велам, моите најгласноговорници, борци за права, во секој поглед, но ако, понекогаш и тоа е потребно, кога имаш некаква цел и кога си во право. Најубавите и најдолгите години, кои никогаш не се забораваат, се основношколските, почнувајќи уште од средбата со првиот учител/учителка..., па во погорните одделенија, со ред! На крајот, нема да Ви напишам минус за неносење на домашно, или слично, или пак неоправдан, ако подзадоцните на прв час, но, ќе Ви дадам, еден голем плус, за да Ве мотивирам и поттикнам, да размислите за она што секогаш Ви го споменував: да останете паметни, чесни, одговорни! Продолжете така, нови чекори се, пред сите Вас! И немојте, да ги заборавите оние со кои пораснавте и кои Ве изучија! Секогаш, вратите на основното училиште ќе Ви бидат отворени, а класниот и останатите колеги, со прегратки ќе Ве пречекуваат. Тоа Ви го тврдам со сигурност. Најблагородната професија, се живее со многу љубов и радост, а за тоа, потврда се најмилите – учениците!

Да додадам:

На сите, Ви ја посакувам сета среќа на светов! Еве, уште две недели, го заокружувате основното, а недела потоа, чекорите кон средношколскиот избор... Бидете и останете: добри, среќни, интелигентни и на свој начин успешни, сепак, позрели и малку поголеми. Знам, дека сите можете!

Честита полуматура!

Успешен упис во средно!

Пријатно и добро лето!

Од септември, со нови сили, до нови: почетоци, предизвици и успеси!

Со љубов и почит,

Александар,

Вашиот класен и предметен наставник, по македонски јазик и литература

Автор: Александар Адамовски, проф. по македонски јазик и литература и француски јазик

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани