2win800x200

УВ индексот многу висок - да се избегнува изложување на сонце од 10 до 14 часот

Јуни 27, 2022

Поради високите температури кои деновиве ја зафатија територијата на државата, Министерството за здравство апелираше граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита на здравјето, а особено да внимаваат и да преземаат соодветни мерки за заштита од УВ зрачењето. Доколку УВ индексот е повисок од 8, задолжително да се користи крема со заштитен фактор и капа, како и да се внимава движењето надвор да биде во сенка.

УВ зрачењето и топлината се најсилни во периодот помеѓу 10 и 14 часот и се препорачува во тој период да биде што е можно помала изложеноста на сонце. Воедно, посетителите на плажа треба да имаат предвид дека белиот песок и другите светли површини рефлектираат УВ зрачење и може двојно да ја зголемат изложеноста на зрачењето. Денес УВ индексот инесува осум.

Од Министерството препорачуваат во текот на екстремно топли денови, да се остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка. Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце заштитни очила и капа. За сончање да се користи крема со висок заштитен фактор. 

За да не доаѓа до дехидтратации да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. Воедно, да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри. 

Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката, а ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во ладилник на плус 4 степени Целзиусови и пред употребата истата да се загрее на сто степени. Се препорачува да се избегнуваат производи кои не се термички обработени.  

На хронично болните лица се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари. 

Министерството за здравство заедно со Комисијата за следење на ефектите од високите температури при Министерството, во континуитет и на дневна основа ја следат состојбата и доколку има пораст на температурите согласно најавите од Управата за хидрометеоролошки работи, ќе бидат предложени соодветни превентивни мерки. 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани