2win800x200

На денешен ден загина др. Трифун Пановски, првиот партизански лекар во НОБ во Македонија

Јули 22, 2022

На денешен ден загина, Трифун Пановски (1912-1944), првиот партизански лекар во Народноослободителната војска на Македонија

Како лекар и хуманист со големи лекарски способности кај борците и народот уживал голем авторитет. Роден 1912 г. во с. Буф, Леринско, во печалбарско семејство. Основно училиште завршил во родното место. Потоа, со родителите се преселил во Битола, каде завршил Гимназија во учебната 1933/34 г. Се запишал на Медицинскиот факултет во Белград. Уште за време на студентските денови влегол во напредното студентско движење. По дипломирањето се вработил како лекар во Ниш, но набрзо, веднаш по окупацијата, се вратил во Битола и се приклучил во НОБ. Во 1941 г. станал член на КПЈ, а во 1942 г., за време на априлската провала бил затворен од бугарската окупаторска полиција. Во недостаток на сигурни сведоштва бил ослободен од обвинувањата. Во текот на 1943 г. бил интерниран во Бугарија и мобилизиран како лекар во бугарската армија, од каде успеал да избега и да им се приклучи на партизаните (1944). Во партизанските редови работел прво како главен лекар во партизанските болници на Кожуф Планина, а потоа како лекар во Првата македонско-косовска бригада и на крај во Првата македонска бригада (во Дебарца и Караорман). Ce одликувал co храброст и пожртвуваност, спремен да им помогне на ранетите борци во првите борбени редови. Заради неговата несебичност бил почитуван и сакан од сите борци. Д-р Трифун Пановски ја формирал и организирал партизанската болница кај с. Песочани и Ехловец, во подножјето на славните Караорман и Славеј планина. Во оваа болница се лекувале тешкоранети борци, а полесно ранетите, под негов стручен надзор се лекувале во своите единици. На 22 јуни 1944 г. партизанското движење претрпело голема загуба. Во близина на селото Буринец (Дебарца) при едно пробно гаѓање со минофрлач, од ненадејна експлозија бил тешко ранет заедно со командантот на Првата македонска бригада Коле Канински и уште тројца нивни соборци - партизани. Иако и самиот бил тешко ранет Д-р Трифун Пановски им помагал на останатите повредени, сè додека сите не им подлегнале на раните.

 
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани