АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
пишува: Александар Литовски
Денес е 23 јули! Знаете ли што се случило на тој ден во македонското минато? Не!? Не, нема да успеете тоа да го осознаете од оние „историски најави“ на македонските вљубеници на Александров и Михајлов. Не, тие можеби ќе ве потсетат за смртта или раѓањето на некои македоноубијци, ама не за вистинските и значајни македонски борци! Уште помалку за тоа ќе отвори „разговор“ некој од оние квази шамани, кои се претставуваат како телевизиски водители, аналитичари, „историчари“ и партиски гласноговорници.
Затоа, пред да ве информирам за она што се случило на 23 јули, сакам да ве прашам: Зарем не гледате дека го губиме македонското национално сознание? Зарем уште не ви е јасно дека се пишува и пропагира лажна и антимакедонска историја? Зарем не сте свесни дека, ако продолжиме да се движеме во овој правец, ќе ја загубите сопствената национална и човечка слобода?
***
А, сега неколку зборови за 23 јули!
На тој ден во 1942 година, во Софија, Бугарија, на стрелиштето на софискиот воен гарнизон, се убиени Никола Вапцаров, Антон Попов и Атанас Романов! Бидејќи се наоѓаме во време во кој, иако /пре/многу се зборува и пушува историја, а фактички малку се знае, чувствувам потреба и должност да ве информирам за тоа кои се овие три горостаси на македонската националноослободителна борба!
Никола Јонков Вапцаров е припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење во Пиринскиот дел на Македонија и учесник во антифашистичката борба во Бугарија, поет, драмски автор, критичар, есеист, новинар... Роден ена 7 декември 1909 година, во преубавиот град Банско, кој се наоѓа во окупираниот Пирински дел на Македонија. Учеше гимназија во родниот град и во Разлог, а во Варна го заврши Морнаричкомашинското воено училиште. Од јули 1932 година работеше во селото Кочериново во тамошното дрвенопреработувачко акционерско друштво, како машински техничар. Од 1933 годинастана член на Бугарската комунистичка партија (БКП). Во 1935 година заради организирање на работниците од неговата фирма за да ги бараат своите права, беше избркан од работа. Настапи период на економска беда во неговиот живот. Под тој егзистенцијален притисок, започна да го губи своето здравје. Во 1936 година се пресели и започна да живее во Софија. Ги работеше најтешките физички работи за да се прерани себеси и своето семејство. Заедно со Михаил Сматракалев и Антон Попов, е еден од основоположниците на Македонскиот литературен кружок во Софија, кој егзистира од 1938 до 1941 година. Беше и синдикално ангажиран во нелегалната организација на бугарските техничари, а го издаваше и стручното списание на техничарите насловено како „Технички глас“. Во 1941 година беше интерниран на три месеци во градот Годеч, во западна Бугарија. Активно беше вклучен во антифашистичкото движење организирано од БКП. Во 1941 година го основа и раководеше списанието „Литературен критик“. Учествуваше во повеќе диверзантски акции во Софија и во нејзината околина, како дел од поширокото антифашистичко движење. Беше уапсен од бугарската полиција на 4 март 1942 ггодина во Софија и во наредните денови и месеци беше подложен на жестока физичка тортура. Во инквизиторската постапка на бугарската полиција беше скоро физички обезличен и на работ на смртта. Сепак, преживеа и е осуден на смрт од Воениот суд. Стрелан е на 23 јули 1942 година, без да бара милост...
Инаку, Вапцаров, мошне млад започна да се пројавува како литерат. Пишуваше, главно, поезија, на бугарски јазик, и се возвиши како автор на две поетски збирки: од кои едната беше издадена постхумно во Бугарија, во 1946 година. Во услови кога издавачите и печатарите во Софија, заради тоа што беше остракиран како комунист и опасен елемент за државата, не сакаа да ја печатат неговата прва поетска збирка насловена како „Моторни песни“, тој неа ја издаде со сопствени средства, што во услови на материјална мизерија во која живееше, беше жртвување и подвиг од највисоко ниво. Покрај поезија, тој е автор и на драма со наслов„Деветтиот бран“, на книга со песни за деца и на серија критички записи и прознопублицистички текстови. Посмртно доживеа меѓународна литературна слава. Тој без ниту најмали дилеми е голем македонски, бугарски, балкански, европски и светски творец и револуционер. Веднаш по Втората светска војна и македонската литературна и историска наука му издвоијадостојно и коректно внимание, па за него пишуваа, на пример, Димитар Митрев, Георги Старделов, Петар Т. Бошковски, Блаже Ристовски, Гане Тодоровски, Миодраг Друговац, Јованка Друговац, Васил Тоциновски, Александар Алексиев и други. Македонската наука, многу често, јавно ги презентираше видувањата што пред бугарската јавност беа подзатскривани заради Вапцаровата македонска самоидентификација. За значењето на Вапцаров и како револуционер и како творец, сведочи фактот дека во 1953 година жирито на Светскиот совет за мир, под претседателство на Пјер Кот, постхумно му додели „Меѓународна награда за мирот“ и во таа пригода големиот писател Ив Фарж рече: „Во борбата за слобода и мир, која денес е најнеодложна задача на сите народи во светот, Никола Вапцаров ќе остане една од најчистите и најблагородните фигури.“
И, како „една од најчистите и најблагородните фигури“ за светот, не го заслужува одбележувањето и чествувањето во денешна Македонија? Дали случајно, „големите патриоти“ (наводниците се поставени за да се каже дека, всушност, станува збор за лажни патриоти!) го заборавија Вапцаров? Дали Вапцаров ќе го избришат како Македонец, револуционер, национален деец..., само заради тоа што беше и комунист? Или заради тоа што беше комунист кој настрада од „бугарска рака“? Дали тоа не е „патриотски апсурд“? Дали тоа не е лажен патриотизам? Дали сето тоа, всушност, не е антимакедонизам?
***
Антон Попов е припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење во Пиринскиот дел на Македонија и учесник во антифашистичката борба во Бугарија, поет, раскажувач, новинар. Роден е во селото Игуменец, Петричко, Пирински дел на Македонија, на 23 јули 1915 година. Заврши гимназиско образование во Неврокоп, во 1933 година, и неколку години беше учител во родниот крај. Во 1936 година се запиша во Државното високо училиште за финансии и административни науки во Софија. Уште од младоста се пројави како припадник на комунистичкото движење, што пак беше причина континуирано да биде следен, апсен и репресиран од „демократската“ бугарската полиција. Членувашево публицистичкиот кружок „Нација и култура“ во Софија, а беше еден од основоположниците и најактивните членови и раководители на Македонскиот литературен кружок од 1938 до 1941 година. Во 1940 година стана новинарсоработник во весникот „Виножито“. Љубовта кон татковината Македонија, нејзината историја и традиција, нејзината слобода и иднина се големата тема во севкупното негово книжевно и публицистичко дело. Всушност, како публицист е меѓу првите кои најдлабоко го проследија и афирмираа конституирањето на македонската национална мисла. Низ сопствениот животен пат, проткаен со чист македонски патриотизам, покажа како може да се сака и да се брани татковината, а притоа да не се заплови во националшовинистички води. Беше активен член на Бугарската комунистичка партија (БКП) и учесник во антифашистичката борба организирана од неа. По нападот на фашистичка Германија врз Советскиот Сојуз е избран за член на Воениот центар при Централниот комитет на БКП, кој, фактички,е најодговорно раководно тело во организирањето на антифашистичката борба. Заради таа своја активност, е уапсен на 24 април 1942 годинаи осуден на смрт. Во писмото пред стрелањето, запиша: „Умирам за еден нов свет, којшто ќе огрее со толку светлина, со толку убавина, така што мојата жртва за него не е ништо“. Најголем дел од неговите стихови, раскази и репортажи, се издадени посмртно.
Човекот кој слободно може да се нарече еден од најзначајните „идеолози“ на македонската национална самобитност, човекот за кого Васил Тоциновски напиша текст со исклучително возвеличувачки наслов ― „Антон Попов или прерано заминување на убавината“, човекот кој, како што запиша Михаил Сматракалев, имаше „чист, девствен и заносно предан македонски патриотизам“, тој ли Човек не заслужува да биде чествуван во слободна, самостојна, независна македонска држава? Ако е така, тогаш оправдано може да се праша: Каде оди оваа, навидум, македонска држава?
Атанас Димитров Романов е припадник на македонското Националноослободително и комунистичко движење во Пиринскиот дел на Македонија и учесник во антифашистичката борба во Бугарија. Роден е во Софија на 22 декември 1911 година. Потеклото му е од Егејскиот дел на Македонија, односно неговиот татко е од селото Долни Порој, Демирхисарско (Влаовишко), а пак мајка муе од Кукуш, од семејството на Димитар Влахов и, фактички, тој е внук на овој истакнат македонски национален деец. Родителите му беа учители и како такви често се селеа од село до село и од град до град. И двајцата родители беа припадници на Бугарската работничка социјалистичка партија (тесните социјалисти), а подоцна на Бугарската комунистичка партија (БКП). Од млади години и самиот Атанас беше симпатизер на марксистичкото учење и редовен посетител на комунистичките клубови во Ихтиман и Бургас. По деветојунските и септемвриски настани во 1923 година, заедно со семејството се пресели во Софија. Тогаш стана член на штотуку формираниот Работнички младински сојуз (РМС) и учествуваше во мноштво културнополитички манифестации и улични демонстрации организирани од бугарските прогресивни сили. Набргу стана член и на БКП, а во исто време неговата љубов кон татковината го поврзува со прогресивното македонско движење и со ВМРО (Обединета). Во таа дејност, разви блиска и многустрана соработка со најистакнатите имиња на македонската националноослободителна борба во Бугарија: Христо Трајков, Симеон Кавракиров, Александар Мартулков, Божидар Митрев и Митко Сурлев. Учествуваше во многу организациони, технички и просветни, легални и илегални активности на македонското прогресивно движење. Беше одговорен за рецитаторскиот хор „Гоце Делчев“, одговорен уредник на весникот „Ехо“ и на хумористичниот весник „Дампинг“. Многупати беше апсен, физички малтретиран и интерниран по разни краишта на Бугарија. По нападот на фашистичките земји врз Советскиот Сојуз, во јуни 1941 година, почна да работи во диверзантска организација на БКП. Така се најде во предните редови на антифашистичката борба во Бугарија. Беше откриен и уапсен од бугарската полиција, а бугарскиот воен суд го осуди на смрт. Стрелан е заедно со Вапцаров и Антон Попов.
И, како овој предан деец на македонското ослободително дело, на ВМРО (Обединета), е скоро непознат за денешната македонска јавност? Зарем тој заслужува помалку почит од оние професионални револвераши кои во дваесеттите и триесеттите години на минатиот век убивале македонски дејци, а денес ни ги сместуваат во музеи и ни ги прогласуваат за големи македонски борци? Зарем мафијашите треба да се парадигмата на македонскиот патриотизам, а вистинските борци да бидат фрлени на буништето на историјата, само заради тоа што беа левичари и комунисти? Зарам тоа е историска наука? Зарем тоа е македонско родољубие?
***
Со оглед на тенденциите во македонскиот ослободителен пантеон да се сместуваат некои личности кои воопшто немале македонско самосознание и македонско национално чувство, сосема е јасно дека Вапцаров, Попов и Романов, сега засега, не може да го заземат своето заслужено место меѓу македонските херои. Жално е што вакви македонски национални горостаси, кои треба да бидат македонска вечна гордост, денес се прогонети во заборавот! Жално е, но токму така е!
И, што е најлошо, така ќе биде! Така ќе биде сè додека македонската национална историја се пишува од антимакедонски позиции! И сè додека македонските национални интереси ги бранат „килави патриоти“ на кои најважна им е паричната добивка! Не знам дали во државава има национално свесни политички сили, кои ќе го отпочнат процесот на враќање на македонските национални вредности во водењето на државата и во јавниот дискурс, ама знам дека, ако тоа не се случи, македонскиот национален идентитет ќе биде загубен!