2win800x200

Потпишан договорот за името, Заев рече: „поместивме планини“

Јуни 17, 2018

Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција го потпишаа договорот за името. Премиерот Зоран Заев рече дека со договорот „поместивме планини“. Посредникот Метју Нимиц рече дека спогодбата е „правична, чесна и спроведлива“.

 

Шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас го потпишаа договорот за името во селото Псерадес во Грција на брегот на Преспанското Езеро. Договорот предвидува ерга омнес име за земјава, Република Северна Македонија со македонски јазик и националност. Договорот го потпиша и посредникот на ОН, Метју Нимиц на својот роденден.

На церемонијата присуствуваa и премиерите на двете земји, Зоран Заев и Алексис Ципрас. Присутни беа и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан и потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации Розмари Ди Карло.

Премиерот Заев, во говорот пред потпишувањето рече дека Македонија е горда што одбрала решение што обединува.

„Горди сме на овој наш договор. Горди сме зашто се обединивме околу решение на спор којшто нè делеше и избравме решение што нè обединува. Со потпишувањето на конечниот Договор за решавањето на прашањето за името и за стратешко партнерство меѓу нашите две земји - поместивме планини. Тогаш кога многумина се сомневаа, ние потврдивме дека е возможно. Денес ставаме крај на еден спор. Ставаме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите“, нагласи премиерот Заев.

Тој упати и порака до противниците на Договорот во двете држави.

„Да се има став е европски манир. Исто како што е европски да се разговара и да му дава шанса на решението низ институционалниот систем на одлучување“, нагласи македонскиот премиер Зоран Заев.

Алексис Ципрас откри дека е љубител на балканската музика, особено на блех музиката, но и на среќните и весели мелодии од регионот и рече дека „дојде време повторно да пееме среќни песни на Балканот“, а денес се прави првиот, смел чекор во оваа насока.

„Една таква нова песна започнуваме да пишуваме овде во Преспа. Нашата цел е оваа песна на радоста да се пее многу векови и од многу идни генерации, на нашиот јазик и на вашиот јазик, во нашата земја и во вашата земја, од нашиот народ и од вашиот народ. Песна што ќе го слави мирот“, рече грчкиот премиер.

Тој рече дека договорот е патриотски и ги повика граѓаните на двете земји да го прифатат без предрасуди.

„Напорно и неуморно стигнавме до заемно прифатлив договор, кој целосно ги почитува основните принципи и вредности на двете страни, договор кој денес ни дозволува да им се обратиме на граѓаните на двете земји, да ги погледнеме во очи и да ги повикаме да го прочитаат и да го поддржат без предрасуди. Ако душата на секој народ е неговата историја, тогаш во нашиот договор се отсликани душите и на двата народи“, истакна грчкиот премиер.

На почетокот на следната недела, како што информираат од Владата, на владина седница треба да се усвои законот за ратификација на договорот, по што треба да биде испратен во Собранието, каде треба да биде ратификуван. По ратификацијата следува негово потпишување од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој најави дека нема да го поддржи.

( ИЗВОР: Радио Слободена Европа https://www.slobodnaevropa.mk/a/29293477.html)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани