2win800x200

Коњановски-се изготвуваат 65 нови проекти за Битола

Септември 16, 2022

Интегрално обраќање на градоначалникот Тони Коњановски на 17-тата седница на Советот на општина Битола

 

 

На почетокот на денешната седница, сакам да Ве известам дека, минатите неколку седници не бев во можност да присуствувам на истите, токму поради обврски насочени кон подготовки и реализација на проектите кои се во тек или треба да следуваат, што претставува неопходен дел, поврзан со доброто стратешко планирање, менаџирање и реализација.

Токму затоа, денес, ќе се обидам пред Вас да сублимирам, што е она на што се работи во моментот во локалната самоуправа, за што секако многу е значајна и поддршката од Советот на општината, а особено ќе ги нагласам и проектите кои ги подготвуваме за реализација во следниот период.

Добро познато е дека од предвидените 23 улици, за кои затекнавме 20 тина изготвени проекти, веќе сме во завршна фаза на реализација на градежните активности на терен, но во постапка сме и на изготвување на нови над 65 проекти кои се однесуваат на подобрување на патната инфраструктура, подобрување на енергетската ефикасност на објектите, хортикултурно и партерно уредување на повеќе локации во општината.

Тоа што во минатиот период значело слабо и недоволна проектно планирање, сега веќе како проблем успешно го надминуваме.

Како резултат на тоа, конечно општина Битола ќе може да ги искористи средствата од 1.397.000 евра, од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, одобрени во 2020 година со одлука на Владата, а за кои рокот за реализација е до 2024. Досега за жал, поради недостиг на готови проекти, општината не можела да ги користи овие средства. На оваа тема, имав состанок со претставници од Светска банкасо кои договорено е преку оваа програма општината да реализира 3 проекти и тоа:

-          Реконструкција на улица „Индустриска“ (ул.Бурса) во должина од 2,4 километри, која ќе биде нова обиколница во градот, за што проектот е изготвен

-          Реконструкција на комплетна инфраструктура на повеќе улици во должина од 2060 метри, за што проектната документација е во завршна фаза и

-          третиот проект: Изградба на велосипедски патеки – за што имаме одобрен сообраќаен проект и работиме на градежен и изведбен проект.

Ова дополнително го потврдува организираниот начин на работа, кој ако се применувал и во претходниот период, оваа година ќе имавме 80 проекти за реализација, наместо 20 те кои ги завршуваме.

Во овој контекст, говорат и податоците за досегашната реализација на буџетот, каде процентот ќе биде над 80% до крајот на годината, со исплатени средства за патна инфраструктура од 241.000.000 денари, кои до крајот на годината предвидено е да бидат над 400.000.000 денари.

Покрај во делот на инфраструктурата, успешно ги реализираме и програмите за спорт и млади и програмата за култура, каде имаме исплатени средства за спорт околу 54.000.000 денари, а за култура околу 13.000.000 денари. Спортот и културата, претставуваат области кои континуирано мора да добиваат поддршка, заради нивната важност за градот, поттикнување на спортскиот и културен напредок, што индиректно е важно и за подобрување на економија и туризмот, што ова лето се покажа и со успешната реализација на битолското културно лето.

Економското заживување на градот е посебно важно во ова време, кога соочени со енергетската криза, моравме да бараме решенија и за проблемот со електричната енергија и иако на почеток некои сакаа да не обвинуваат за пренсувањето на броилата за улично осветлување на ЈП Жабени, денес можеме да кажеме дека, само за месец август имаме заштеда од 6.500.000 денари во делот на уличното осветлување, односно сметката за месец август е 3 пати пониска.

Секако дека се соочуваме со предизвици, но наместо да зборуваме за проблемите и да бараме виновници, нашиот пристап е да работиме на нивното решавање.

Така,уште при донесувањето на буџетот поради недостатокот на средства од блок дотациите, во буџетот предвидовме средства во износ од 44.000.000 денари за основното образование. Со предлог одлуката за финансиска поддршка на семејствата кои имаат првачиња, исто така, од општинскиот буџет ќе издвоиме 3.800.000 денари за оваа намена, а годинава за првпат издвојуваме и средства за стимулација на талентирани и наградени ученици, кои постигнале високи резултати.

Со зголемувањето на цените на превозот и енергенсите, се зголемуваат и средствата кои општината ги издвојува за превоз на учениците и греење во училиштата.

За разлика од претходниот четиригодишен период, кога имало склучување на договори за превоз на ученици и во месец декември, а дел од учениците се превезувале до училиштата со општински возила или пак средствата им биле рефундирани од страна на општината, сега локалната самоуправа, постапката ја започна веднаш по добивањето на конечниот број на ученици од директорите на училиштата и истата е во тек. За периодот додека учениците плаќаат за превоз, што се надевам ќе биде краток период, средствата ќе им бидат во целост рефундирани.

Паралелно ги решаваме и проблемите поврзани со новите детски градинки кои треба да бидат изградени во Битола.

Посебно, не е едноставна ситуацијата со детската градинка во АРМ, каде општинатата ги користи сите законски механизми во рамките на својата надлежност за реализација на овој проект.

Верувам дека и државните институции, посебно Министерството за труд и социјална политика, ќе најде начин за надминување и на проблемот со детската градинка кај ОУ Климент Охридски, а според потпишаните договори, очекувам до идната година да заврши и адаптацијата на дел од објектот на Домот за доенчиња и мали деца во Битола во детска градинка, која ќе биде во состав на ЈОУДГ ,,Мајски цвет“.

За да можеме успешно да менаџираме со сите новонастанати ситуации и да имаме доволно средства за реализација на сите планови и програми, од посебна важност е домаќинското работење, ефикасноста и експедитивноста на општинската администрација.

Во овој поглед, ќе нагласам само дека имаме зголемување на приходите од данокот на имот, односно ако во 2018 тој процент бил 37,46 сега изнесува 57,30%, а кај надоместокот за уредување на градежно земјиште за разлика од 2018 кога процентот бил 36,16%, сега изнесува 55,66%.

Ваквиот пристап, овозможува и реализација на капиталните проекти, од кои во постапка за јавна набавка е проектот за изградба на противпожарна зграда, во фаза на евалуција се доставените понуди за идејно решение за изградба на модерен спортско рекреативен центар, а во тек е и постапката за дигитализација на услугите кои ги дава општината. После повеќе од 20 години, конечно во општина Битола, започна изработката на новиот Генерален урбанистички план. Активно се работи на Новиот парк во Нова Битола, како и на подготовки за уредување на јавните површини кои досега беа исполнети со „диви“ – нелегално поставени гаражи и времени објекти. Нивното отстранување ќе донесе современо урбано уредување на градот, а од економски аспект, ќе создаде можности за елиминирање на нелојалната конкуренција.

Во соработка со Extrim bike клубот од Битола, во тек е јавна набавка за изградба на четири патеки на локалитетот Смолево, а се работат и проекти за реконструкција на објекти и патна инфраструктура и во руралните места, а во делот на енергетската ефикасност во тек се постапки за јавна набавка за проектирање за енергетски фасади на два објекти на основното училиште Даме Груев.

Во досегашниот период извршено е мапирање на состојбата на сите основни и средни училишта и детски градинки, со цел согледување на можноста за поставување на фотоволтаици на училиштата каде се направени потребните реконструкции во делот кој е поврзан со зголемување на енергетската ефикасност, односно заштеда на енергија и намалување на загубите.

Во контекст на веќе започнатото, ја поздравувам иницијативата на советничката група на СДСМ и измената на истата доставена на денешната седница за „Алокација на средства за поставување на фотоволтаици на сите основни и средни училишта и на сите институции и установи во надлежност на општината“, што секако бара и средства за реконструкција на повеќето училишни згради, имајќи ја предвид констатираната состојба. За се ова да се реализира потребни се проекти, на што веќе започнавме да работиме, имајќи предвид дека во изминатиот период, воопшто не е изработена проектна документација.

Во овој момент, согласно состојбата со енергетската криза, од особена важност е иницијативата за донесување одлука за субвенционирање на електрична енергија на жителите на Општина Битола од страна на Владата на Република Македонија поднесена од Советничка група на ВМРО ДПМНЕ. Овие средства би значеле голема поддршка за подобрувањето на инфраструктурните услови во општината.

Ваквиот начин на работа е токму во насока на уште поголема транспарентност на општина Битола, која според последното истражување на Центарот за граѓански комуникации, се наоѓа на високото прво место од општините во Република Македонија. Токму затоа, во следниот период, ќе ја зголемиме комуникацијата со граѓаните преку средби со месните и урбаните заедници, организирање на форуми за реализација на проекти од различни области, изработка на граѓански буџет, спроведување на анкети за јавното мислење за програми и проекти, како што е и анкетата која ја објавиве вчера, а се однесува на програмата за култура и новиот јавен повик за БИТ ФЕСТ 2023, кој ќе биде објавен во средината на идниот месец.

Ве повикувам и Вас како советници, да бидете активни учесници во сите овие процеси, се со цел, работата на локална самоуправа да резултира со надминати предизвици, што повеќе решени проблеми и економски напредок, а нашиот град да биде убав, чист и уреден, како што и доликува на Битола.

На крај, почитувани советници сакам да Ве потсетам дека, како нова локална самоуправа, затекнавме како што реков 20 тина изготвени проекти, но и многу неисплатени обврски кои со завршната сметка изнесуваа околу  209 милиони денари, а со направениот пресек, веднаш по доаѓањето како градоначалник 124 милиони денари беа за започнати недовршени проекти или улици, објекти, водоводи, канализации  со рок на доспевање 30,60,90 до 360 дена рок на плаќање.

Деновиве, СДСМ вели: градоначалникот Коњановски „нашите проекти, ги смета за свои“.

Морам да нагласам дека, срамно е пред граѓаните да зборувате за: НАШИ И ВАШИ ПРОЕКТИ! ТОА СЕ ПРОЕКТИ НА ГРАЃАНИТЕ, КОИ СЕ РЕАЛИЗИРААТ СО СРЕДСТВА ОД ГРАЃАНИТЕ! ЕДИНСТВЕНО, БРОЈОТ НА РЕАЛИЗИРАНИ ПРОЕКТИ, ЗАВИСИ ОД СПОСОБНОСТА ЗА МЕНАЏИРАЊЕ!

Тие што некоректно сакаат да обвинуваат ги прашувам:дaли општината не требаше да ги доврши улиците, водоводите, канализациите, а обврските кои произлегуваа од нив не требаше да ги плаќа?

Штетата од тоа би била само на граѓаните. Оваа локална самоуправа нема да го дозволи тоа и ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните и да ги реализира сите добри проекти кои се во интерес на Битола.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани