АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
БИТОЛА – По една година од мандатот, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, вели дека патната инфраструктура е еден од најголемите проблеми на градот, а нерешениот проблем со кучињата скитници еден од најгорливите. Коњановски вели дека не може да се пофали со некоја добра соработка со Владата затоа што заедничките клучни проекти со централната власт се закочени, особено гасификација на која битолчани чекаат една цела деценија. Градоначалникот на Битола во интервју за „Независен“ вели дека има план за градот, а во фокусот се младите битолчани за да останат или да се вратат во својот град. Коњановски нагласува дека ги продолжил проектите наследени од претходната локална власт за кои имало изготвена документација, нo и дека подготвиле нови.
Една година е доволно време за да ги видите одвнатре проблемите на градот Битола. Кој е најголемиот од нив?
– Лошата патна инфраструктура е една од причините за недоволниот економски напредок на градот од една страна, а од друга страна недоволната туристичка промоција на градот, преку поддршка и реализација на проекти од оваа област, не дозволи Битола да го искористи расположливиот природен и културен потенцијал. Бездомните животни низ улиците се уште еден со години нерешан проблем. За оваа една година, започнавме со решавање на овие проблеми, за да успееме за четри години комплетно да ја промениме состојбата. Реконструиравме улици, колку што претходната локална самоуправа реконструирала за 4 години, за една година, продадовме 12 градежни парцели во „ИЗ Жабени“ на инвеститори од Германија и Турција, за разлика од претходниот мандат кога се продала само една во 2019 година, а летото што измина, преку културната понуда на општината, овозможивме заживување на Битола, за што говори и фактот на преполнетост на сместувачките капицитети, што е од посебно значење за економијата во градот. За кучињата скитници конечно имаме изготвен проект, соодветно избрана локација и иако станува збор за голема инвестиција очекувам овој проблем да се реши во најкраток можен рок..
Од кој проект сте најзадоволен што сте го спровеле оваа година, и што пропуштивте да направите за овие 12 месеци?
– Сублимирано, би рекол дека сум задоволен што се одлучивме за континуитет и успеавме да ги реализираме 23-те проекти за кои затекнавме изготвена документација или беше во одредена фаза на изготвување, за што во делот на капитални инвестиции исплативме 283 милиони денари. Но успеавме да подготвивме и 65 нови проекти во вредност од една милијарда денари. Ова говори дека жалам што не се размислувало за многу други проекти, на кои ако се работело, денес ќе можевме да кажеме дека се завршени во интерес на Битола.
Како општина која се наоѓа на врвот на транспарентноста во државата, ме радува фактот што успеавме да ја отвориме општината за граѓаните, да овозможиме нивна партиципативност во креирањето на програмите и буџетот, но и преку зголемена ефективност и ефикасност на општинската администрација, да го забрзаме решавањето на предметите на граѓаните и да ги откочиме процесите, за што пример е и легализацијата, каде затекнавме 6.592 предмети, а решивме 1.700.
Конечно, после 23 години, започнавме со изработка на нов ГУП, кој ќе одговори на современите потреби на градот. Започнавме со изградба на нов парк во Нова Битола, завршивме три детски паркови и дадовме поддршка за збогатување со содржини на Авантуристичкиот парк на Пелистер и обнова на планинарскиот дом „Копанки“. Во исто време, ги поддржуваме спортот, културата, младите, а за првпат одлучивме да ги стимулираме и талентираните ученици.
Колку сте задоволен од соработката со централните власти, а посебно во односите со подрачните единици на одредени министерства?
– Како локална самоуправа, оставени сме во услови на енергетска криза сами да се справуваме со проблемите кои се очекуваат или се појавуваат. Не можам да се пофалам со некоја добра соработка, затоа што пред сѐ, клучните проекти за кои работните активности треба да почнат од централната власт, не се случуваат. Таков е примерот со гасификацијата. Од страна на општината е завршена целата процедура и подготвени сме во секој момент да издвоиме средства од буџетот за оваа намена, но од страна на Владата, во чија надлежност е овој проект, сѐ уште нема конкретен чекор. Во делот на образованието исто така, има недостиг на блок дотациите. Во делот на соработката на локално ниво, немаме некои значајни проблеми, затоа што нашиот пристап секогаш е насочен кон успешна реализација на потребите и приоритетите, наспроти селективност на „наши“ и „ваши“ проекти. Не секогаш исто таков е и пристапот на централната власт, што дополнително влијае на одолговлекување на процесите.
Битола, како и секој град во Македонија ја чека тешка зима. РЕК „Битола“ мора да работи со полн погон за да се задоволи државната потреба од струја. Ве плаши ли дека тоа ќе го зголеми загадувањето?
– Енергетската и економската криза наметнаа многу неизвесности и предизвици со кои сите ќе мора да се справуваме оваа зима. Зголемената загаденост на воздухот е уште една последица која може да се појави како последица на работата на РЕК „Битола“, но и начинот на греење на домаќинствата. Во делот кој е наша надлежност веќе се преземаат мерки со подготовка на проекти за зголемена енергетска ефикасност на објектите на јавните институции, субвенционирање за енергетска ефикасност на колективните згради, сепак долгорочното решение на проблемот кој би се појавил и воопшто на состојбата во која се наоѓаме, е во надлежност на централната власт, во координација со ЕЛЕМ и, секако, раководството на РЕК „Битола“.
На почетокот се жалевте дека наследивте проблем со договорите за набавка на електрична енергија од добавувачи, како сега го решавате проблемот? Колку одлуката уличното осветлување да се пренесе на ЈП „ИЗ Жабени“ даде резултати, наспроти критиките од централната власт?
– Затекнавме општина во која трошоците за електрична енергија беа навистина големи. Сега тој проблем е надминат, а дополнително со пренесувањето на уличното осветлување на ЈП „ИЗ Жабени“, овозможивме заштеда од 14 милиони денари, што претставуваат средства кои ќе се инвестираат во нови проекти за граѓаните, за подобра инфраструктура во Битола.
Каква е ситуација во образованието, наследивте училишта во добра финансиска состојба, но при смената на директори направивте општинска ревизија? Што покажаа резултатите?
– Разочарувачки е фактот што по ревизиите се утврдија повеќе неправилности. Ревизорските извештаи се јавно објавени и информирани се надлежните институции за понатамошно постапување и преземање на соодветните мерки. Очекувам во 2023 година поголема системска поддршка за непречено функционирање на образованието, додека како локална самоуправа работиме на проекти за енергетски ефикасни фасади на училиштата, поставување на фотоволтаици на покривните конструкции и други проекти со кои ќе се подобрат условите во училиштата.
Каква е состојбата со превозот на учениците? Опозицијата ве критикува дека не се склучени договори со превозниците и учениците плаќаат од свој џеб.
– Најголем дел од проблемите со превозот на учениците се надминати и се склучени договори. Во врска со дел од линиите за посебен линиски превоз, за кои не беа склучени договори, обновена е постапката, а заедно со градоначалниците од соседните општини, бараме начин за решавање на овој проблем. Секако дека постапуваме согласно законот за основно и средно образование и во сите случаи каде учениците плаќаат за превоз, средствата им се рефундираат.
Изградбата на двете градинки започнати од минатата локална власт е стопирана. Кои се причините? Дали има шанса да се изградат во вашиот мандат со оглед на фактот што во Битола над 1.000 деца чекаат за згрижување во градинка?
– Во врска со овие проблеми и новонастанатите ситуации, разговарав со министерката за труд и социјална политика, затоа што тоа се проекти кои во голема мера зависат од Министерството, така што очекувам дека наскоро ќе биде завршена адаптацијата на детската градинка во поранешниот Дом за доенчиња и мали деца, додека за детската градинка кај основното училиште „Климент Охридски“ решението треба да произлезе од Министерството. Во врска со детската градинка во АРМ, заради неисполнување на обврските од страна на изведувачот го раскинавме договорот, ја активиравме банкарската гаранција и отпочнавме постапка за избор на нов изведувач. Мојата заложба и чекорите кои ги преземаме како локална самоуправа се насочени токму кон решавање на настанатите проблеми и верувам дека, во овој мандат ќе успееме да ги ставиме во функција објектите, зошто тоа е важно за многу родители кои сега мораат да бараат друго решение за своите деца, заради недоволен капацитет во постојните детски градинки.
Отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ внесе немир во цела Македонија. Дали сте добиле поплаки за неговата работа од граѓани на Битола или вревата сега е стивната?
– Битола е космополитски, конзулски град, во кој посебно се почитуваат културите и вредностите на сите народи и треба да биде вистински пример за негување на македонскиот идентитет и култура во сите други земји, каде што живеат Македонци. Токму затоа, непотребни се провокациите кои би ги нарушиле добрососедските односи, но истовремено и би оставиле последици за нас. Наша обврска е достојно да ја сочуваме македонската историја, култура и идентитет.
Надвор од асфалтирањето на улиците, поставување канализација, поголема безбедност за граѓаните, редовно функционирање – имате ли мастер план за идниот развој на Битола. Во кој правец треба да се развива?
– Инфраструктурно уредена, општина со модерен спортски центар, уредени влезови, атрактивна туристичка и културна дестинација, која ќе биде предизвик за инвеститорите и мотив за младите да останат или да се вратат во својот град, кој ќе им понуди многу нови можности за напредок. Ова е мојата визија за Битола, која се темели токму на реализацијата на сите тие поединечни проекти кои ги споменав, зошто од позицијата во која се наоѓаме, Битола може да заблеска во вистински сјај само со посветена работа, активна вклученост на граѓаните и искористување на постоечките капацитети и меѓународните фондови за да може дејствувањето секогаш да биде во чекор со барањата на новото време.
Повеќе за интервјуто на линкот https://nezavisen.mk/patnata-infrastruktura-e-glaven-problem-na-bitola-intervju-so-gradonachalnikot-toni-konjanovski/