АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Интересот за студирање на студиската програма по мехатроника на Техничкиот факултет во Битола континуирано расте со оглед на тоа дека ова е креативна професија и за овие дипломирани инженери нема зима за вработување, објавува Факултети.мк. Раководителот на студиската програма, проф. д-р Роберто Пашиќ, вели дека не постои невработен дипломиран инженер по мехатроника. Тоа се должи на фактот дека развојот на која било индустриска гранка е незамислив без примената на мехатрониката, која пак е интердисциплинарна област што опфаќа множество вештини потребни во денешната автоматизирана индустрија. Се работи за сублимат од електротехника, машинство и информатика. Современата индустрија е незамислива без примена на мехатронички системи, пишува Факултети.мк
Студентите на студиската програма мехатроника стекнуваат солидни знаења за дизајн, проектирање, изработка и одржување на мехатронски производи, машини и постројки со помош на компјутерско програмирање и технологија.
Уште во 2011 година беше поднесено првото барање за акредитација на студиската програма по мехатроника на Техничкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола. Студиската програма произлезе од TEMPUS проект наречен „Development of Regional Interdisciplinary Mechatronic Studies – DRIMS (Развој на регионални интердисциплинарни мехатронски студии). Иако ова не е машка професија и иако од година на година расте бројот на студенти, малку припаднички на понежниот пол се охрабруваат да студираат на неа.
Современи лаборатории со многу опрема, како и роботска рака
Успешноста на оваа програма е препознаена и надвор – таа е официјален партнер на Texas Instruments University Program - меѓународна програма посветена на поддршка на инженерските едукатори, истражувачи и студенти во светот. Со нивна помош беше опремена најсовремената лабораторија на Битолскиот универзитет, како и на други високообразовни институции. Остваруваат и активна соработка со National Instruments, Mikroe, Igus, Agilent...