АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
После денешната прес конференција на СДСМ, општина Битола, ја доставува следната информација:
Почитувани граѓани,
Покрај обидот за манипулација на јавноста со неточно читање на податоци од опозицијата на седницата на Советот на општина Битола, денес, советниците од СДСМ, продолжуваат да изнесуваат невистини, се со цел, да ги скријат податоците со кои се потврдува дека: Општина Битола, успеала да најде соодветни законски механизми на успешно функционирање и во изминатата 2022 година, кога била оставена сама на себе, без ни денар Владина поддршка.
Општина Битола, како транспарентна и отворена општина за граѓаните, во изминатата година и половина, јавно ги објавува сите информации, поврзани со трошењето на буџетските средства и реализацијата на општинските програми, истовремено преку буџетски форуми и јавни анкети, вклучувајќи ги граѓаните во креирањето на локалните политики.
За жал и покрај отвореноста за соработка на градоначалникот Тони Коњановски, сеуште не постои конструктивност и отвореност за соработка кај дел од советниците од општинскиот совет, кои во моментот ја претставуваат локалната опозиција, што се потврдува со неколку обиди за изнесување невистини во јавноста, вклучувајќи ја и денешната прес конференција.
Во интерес на јавноста, информираме дека: Општина Битола, во изминатата 2022 година има највисок процент на реализација на општинскиот буџет од 84,72%, што исто така е највисока реализација на општината и во делот на капиталните трошоци во последните 5 години. Изминатата година средствата се инвестирани за реконструкција на 20 улици и реализација на други инфраструктурни проекти, доизградба на северната трибина на Стадионот „Петар Милошевски“, подготовка на проектна документација за повеќе проекти кои ќе се реализираат во 2023 година, стабилизирање на јавните претпријатија, поддршка на проекти за развој на туризмот во НП Пелистер, повторно заживување на културата во градот, развој на спортот, поддршка на младите и други проекти, кои во изминатите години, биле оставени на маргините.
Во време на економска криза, кога трошоците на општината за електрична енергија се зголемени за 300%, без ниту денар поддршка од Владата на Република Македонија, општина Битола изготви проектна документација за над 65 нови проекти, започна со процес на дигитализација на општинските услуги и изготвување на нов генерален урбанистички план, имајќи предвид дека стариот датира од 1999 година.
Оваа година, покрај доизградбата на Новиот парк во Нова Битола, конечно ќе се создадат услови за трајно решавање на проблемот со бездомните животни. Идната недела, ќе бидат објавени и двете постапки за јавна набавка за уредување на надворешниот и внатрешниот дел на стационарот.Овој проект, значително ќе ги намали трошоците на општината, но најважно: ќе придонесе за зголемена безбедност на граѓаните и соодветен третман на животните.
Советниците кои ја препознаа добрата политика на општината и ефикасниот и експедитивен начин на работа, дадоа поддршка за продолжување на започнатите проекти од оваа локална самоуправа. Општина Битола, очекува дека и локалната опозиција, преку конструктивност, ќе вложи напори, за најпосле и Владата да се заинтересира за Битола и да даде поддршка во проектната визија за подобра иднина на Битола.
Наместо, неосновани и лажни обвинувања во овој период, најважно за Битола и за сите нејзини граѓани е организираното делување, кое ќе резултира со конкретни проекти, а на што општина Битола и градоначалникот Коњановски активно работат.