Изградбата на Коридорот 10-д е траен влог и наследство за идните генерации. Ова е проект којшто е од национален и стратешки интерес за државата, од кој придобивка ќе имаат граѓаните, економијата и државите коишто ги поврзува овој Коридор. Иззведбата на делницата Прилеп-Битола, како дел од Коридорот 10-д, во должина од 40 километри, заедно со автопатските делници од Коридорот 8, претставуваат најголема капитална инвестиција во нашата земја, која ќе биде пресвртница во развојот на нашата држава. Инвестиција, со чијашто реализација нашата држава конечно од кружен тек на Балканот станува вистинска крстосница на Балканот. Инвестиција, со којашто Северна Македонија ја позиционираме на економската и инфраструктурната карта на Европа. Тоа што беше многугодишна стратешка определба на многу влади, оваа Влада денес го реализира“, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во неговото обраќање.
На настанот присуствуваа и се обратија првиот заменик на Претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, потоа вршителот на должност амбасадор на САД во Република Северна Македонија, Ерик Мејер, амбасадорот на Република Турција во Република Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок и претседателот на „Бехтел и Енка“ за Европа, Африка и Блискиот Исток, Џастин Сиберел.
Премиерот Ковачевски, во своето обраќање, ја нагласи силната поддршка од САД, кои, како што рече, ја препознаваат важноста на владините политики за развој на инфраструктурата, особено бенефитот што ќе го има не само нашата држава, туку и соседните држави.
„Вложуваме во капитални проекти од историска важност, бидејќи не само што ги поврзуваме градовите, регионите, туку и ја поврзуваме нашата држава со околните држави и со светот, со модерна патна инфраструктура која ќе привлече туристи, но и странски инвеститори со што ќе се подобри имиџот на нашата држава во светски рамки.
Коридорите 8 и 10-д, кои досега беа само на хартија, се најголемиот инфраструктурен проект досега во нашата држава во патниот сектор. За прв пат, преку модерна инфраструктура после 30 години се поврзуваме со исток и запад, се поврзуваме со нови пристаништа во Драч и во Бургас, ги зајакнуваме транспортните врски со регионот“, рече премиерот Ковачевски и додаде дека со изградбата на овој проект се обезбедуваат нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП од 2% годишно во наредните пет години, како и се отвораат можности за нови бизниси и се обезбедува рамномерен регионален развој.
Во последните 32 години во државата се изградени и пуштени во употреба 186 километри автопати или по 5,8 километри автопат годишно, а сега, како што нагласи премиерот, со Договорот за изградба на Коридорите 8 и 10-д и изградбата на околу 110 километри автопатишта, во следните 4 години ќе се реализираат по 23 километри автопат годишно, чија динамика ќе се забрза со промената на актуелните законски решенија, но и на сите идни стратешки проекти како овој.
Првиот заменик на Претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби на настанот изјави дека проектот нема да запре.
„Овој проект продолжува. Упатувам порака дека е дојдено време од денес да ставиме крај и на блокадата на нашето европско интегрирање и тоа е веќе започнат проект заедно со премиерот Ковачевски и партнерите од коалицијата и нема никој да му застане на пат, како што нема да му застане на пат ниту на овој проект, на изградбата на автопатиштата. Така да, спремете се, качете се сите на овој воз кој што вози кон Брисел и кој што нема кој да го сопре“ рече вицепремиерот Груби.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во обраќањето пред присутните потенцираше:
„Веќе не зборуваме за програмски ветувања, зборуваме за старт на најголемиот капитален проект во Пелагонискиот регион. Капиталните проекти ги реализираме одлучно и оправдано затоа што Пелагонискиот регион мора да се развива. Секој вложен денар на државата е влог за граѓаните за безбедни и модерни сообраќајници, за развој на локалните бизниси, за подобро регионално поврзување со соседите“.
Нагласувајќи дека ова е можност за ангажирање на домашната градежна оператива, што значи нови вработувања и развој на градежната дејност, министерот Бочварски испрати порака до бизнис секторот да инвестира тука, во државата, која преку реализација на ваквите проекти им помага да бидат поконкурентни и посупешни.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми во своето обраќање ја нагласи важноста на Коридорот 10-д кој нѐ поврзува со Република Грција.
„Со изградбата на предвидените автопати, ќе се заврши мрежата на европските патни коридори 8 и 10д низ Република Северна Македонија. Денеска сме тука да го означиме стартот на геомеханичките испитувања на теренот со што практично ќе се почне и со предвидените активности за изградба на автопатот 10-д. Ветувам дека нема да застанеме тука. Продолжуваме со реализација на други проекти во пелагонискиот регион. Нашите планови како претпријатие задолжено за изградба на патната инфраструктура за овој регион се поврзување на Градско и Прилеп со експресен пат. Потоа, поврзувањето од Прилеп до Битола ќе биде со автопатска делница, а овој коридор продолжува од Битола кон граничниот премин Меџитлија. Со реализацијата на овие проекти, државата на југозапад ќе ја поврземе со Република Грција, со што истовремено ќе го намалиме времето на патување“, рече директорот Рустеми.
Вршителот на должност амбасадор на САД во Република Северна Македонија, Ерик Мејер нагласи дека е одушевен и почестен да присуствува на настанот.
„Ова е важен ден за Северна Македонија, ден кога се поврзуваат двата нејзини важни градови Прилеп и Битола со современ, сигурен и безбеден автопат. Подобрувањето на патната инфраструктура во Северна Македонија е од суштинско значење за економскиот развој. Изградбата на модерна патна мрежа не само што ќе ги придвижи луѓето и трговијата, туку и ќе привлекува инвестиции во Северна Македонија. Транспортните рути како што се Коридорот 10-д и Коридорот 8 ќе доведат до поголема регионална интеграција и градење поцврсти врски меѓу соседите. Сите треба да бидеме свесни дека успешното спроведување на овие проекти ќе донесе придобивки не само за Северна Македонија, туку и за стотици граѓани на Северна Македонија кои директно ќе бидат ангажирани во изградбата на овој автопат“, истакна вршителот на должност амбасадор на САД во Република Северна Македонија, Ерик Мејер, кој се заблагодари на Владата и на конзорциумот „Бехтел и Енка“ за посветеноста во овој проект.
Амбасадорот на Република Турција во Република Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок во своето обраќање ги истакна исклучително добрите односи меѓу Северна Македонија и Турција.
„Со изградбата на автопатот Прилеп - Битола чиј камен темелник го поставуваме денес ќе биде реализирана една значајна врска на коридорот 10 и ќе се олесни транспортот и трговијата. Од друга страна овој проект кој се заснова на врвна технологија и стандард ќе поттикне нова динамика за економијата на земјата и ќе отвори нови можности за вработување“ изјави турскиот амбасадор во земјава, Хасан Мехмет Секизќок.
Претседателот на „Бехтел и Енка“ за Европа, Африка и Блискиот Исток, Џастин Сиберел рече:
„Ние сме горди што работиме со Владата на Северна Македонија на овие нови и значајни коридори за подобрување на транспортните комуникации создавајќи илјадници нови работни места коишто ќе имаат долгорочна економска корист. Со проширувањето на можностите за движење на луѓето и добрата, тие овозможуваат подобро опслужување на заедниците, не само на Северна Македонија, туку и низ целиот југоисточен регион на Европа. Преку овој регион се поврзуваме со Косово, со Албанија, Србија, а сега овде и со Северна Македонија, вклучувајќи локална работна сила, фирми и добавувачи“, истакна претседателот на „Бехтел и Енка“ за Европа, Африка и Блискиот Исток, Џастин Сиберел.