АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во јуни ни еден ден немало пречекорување на среднодневните гранични вредности на ПМ 10 честичките во воздухот во Битола, покажуваат резултатите од мерењата објавени на интернет страницата на Министерството за животна средина. Минатата година истиот месец загадување над дозволените среднодневни вредности имало пет дена. Овој мај само еден ден, минатиот седум, во април 2018 –та шест дена, а лани десет.
Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули пред три дена при посетата на РЕК рече дека врз намаленото згадување влијаат и намалените површини со отскриен јаглен што останаа на депонијата во РЕК „Битола“. Тоа е всушност место каде се одлага пепелта, што излегува како нус производ при согорувањето на јагленот, па веднаш по одлагањето треба да се покрие со земја за да не може ветерот да ја разнесува во вид на прашина.
„Доколку ги споредиме податоците за мај, јуни и јули со оние од лани, тие покажуваат драстично намалување на концентрациите на ПМ честичките во Битолскиот Регион. Најеклатантен пример е што лани на одлагалиштето за пепел имаше 30.000 метри квадратни со пепел, а сега е сведено само на 5.000 метри квадратни. Кога се работи може да се постигне многу. Целта е долгорочна и на тој пат секојдневно треба да се вршат активности“, рече Макрадули.
Генералниот директор на РЕК „Битола“, Васко Ковачевски, посочи дека за шест пати се намалени непокриените површини со пепел од лани.
„Во тек е проект за третман на пепелта, денес имаме и изведувач во делот на прскањето на пепелта и третманот според прописите. Со начинот на кој се третира пепелта согласно законот и прописите сериозно се намалени површините со пепел кои се на одлагалиште. Со дополнителен ангажман на сопствена механизација и правилен процес на работа успеавме да го намалиме овој дел. Во следниот период ќе подготвиме една нова касета со земја каде ќе се третира пепелта и сметаме дека значително има влијание врз намалувањето на честиците во воздухот во изминатите месеци“, рече Ковачевски.
Токму депонијата кадешто се одлага пепелта и прашината што од неа се шири, се посочуваа како опасен загадувач на животната средина во поширокиот Битолски Регион според истражувањето „ТЕРА МЕД“, направено во 2016 година, во кое беа вклучени Универзитетот во Битола и Солун.
Во добиените резултати беше посочено дека во примероците од почва земена од околината на РЕК беа констатирани зголемени содржини на олово и арсен, а во воздухот арсен поради контаминација преку преносот на прашината од депонијата со пепел. Резултатите покажале и двојно поголема радиоактивност на пепелта од РЕК.