2win800x200

На денешен ден почина Лилјана Чаловска, учесник во НОБ

Јули 20, 2023
Лилјана Чаловска на митинг во ослободена Битола на 7.11.1944 по повод 25 години од Октомвриската револуција Лилјана Чаловска на митинг во ослободена Битола на 7.11.1944 по повод 25 години од Октомвриската револуција

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 20 ЈУЛИ 1997

Во Скопје почина Лилјана Ахилова ЧАЛОВСКА, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија, новинар, политичар, општественик и поетеса. Родена во Софија, Бугарија, на 3 декември 1920 г. Член на комунистичката младинска југословенска орфанизација СКОЈ од 1939 година и на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) од 1940 година, еден од лидерите на македонското студентско движење на Белградскиот универзитет и курир на Централниот комитет на КПЈ на релацијата Белград–Загреб. Непосредно по Априлската војна од 1941 година член на Месниот комитет на КПЈ во Битола, а потоа и член на ПК на СКОЈ за Македонија од септември 1941 година, претседател на Младинскиот одбор за Македонија од септември 1942 година, инструктор на ПК на КПЈ за Македонија за организациите на СКОЈ во 1942 година. Ги одржува врските со ЦК на КПЈ и е активист на Агит-проп на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Уапсена од бугарската полиција и интернирана во 1943 година, но успеа да избега и да замине на слободната територија во Западна Македонија, во базата на Главниот штаб на НОВ и ПОМ во селото Турје, Дебарца. Член на Иницијативниот одбор за свикување на Првиот конгрес на НОМСМ во село Фуштани, на 22 декември 1943 година и заедно со Крсте Црвенковски ги подготви конгресните документи. Избрана за член на Главниот одбор на НОМСМ. По Конгресот замина со Групата баталјони и по Февруарскиот поход, како член на Редакцијата, на планината Козјак учествува во подготовката на првиот број на весникот „Млад борец" од 22 март 1944 година. Член на Централниот одбор на УСАОЈ, а како новоизбран секретар на ПК на НОМСМ во јули 1944 година, кооптирана и за член на ЦК на КПМ. Избрана за делегат за Второто заседание на АВНОЈ, а како делегат на Првото заседание на АСНОМ избрана за член на Президиумот на АСНОМ на 2 август 1944 година. По Ослободувањето е член на првиот Главен одбор на АФЖ за Македонија од 15 декември 1944 година. Ја заврши Вишата политичка школа „Ѓуро Ѓаковиќ“ во Белград. Во брак со Лазар Колишевски. Уредник на дневниот весник „Борба“ од Белград, пратеник во повеќе свикувања во Собранието на СРМ и во Собранието на СФРЈ, член на ДПМ од 1967 година и член на Советот на Федерацијата од 1974 година. Автор на неколку збирки поезија како: „Бдение за Виетнам“ (1967), „Антидневник“ (1971), „Пребир“ (1972), „Пергел“ (1974), „Повесница“ (1977), „Поморјански песни“ (1981), „Стихови“ (1981). Носител на „Партизанска споменица 1941“. 

 

Подготвил: проф. д-р Александар Литовски, историчар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани