АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Отров расфрлан во дворот и терасата на еден од сопствениците на бунгалови во викенд населбата Асамати на брегот од Преспанското Езеро, рано утрово ги вознемири камперите. Настанот е пријавен во полиција, која изврши увид, затоа што ова се повторува и никој не може да му застане на патот на трујачот, чија цел се бездомните кучиња во кампот, но истовремено во опасност ги доведува луѓето, децата и домашните миленици.
Веќе подолг период често се случува кучињата кои се припитомени од камперите да умираат отруени низ кампот пред очите на камерите, а од мршите со денови да се шири неподнослива миризба. Но камперите велат дека не само што е непријатно чувството да престојуваш на исто место со пцовисани кучиња, туку отровот расфрлен низ тревата е опасен и за луѓето.
Отровот беше расфрлен и во некоку наврати во изминатиот месец. Привремените жители во кампот, сопственици на викендици и бунгалови се сомневаат дека трујачот е нивни сосед кој го расфрла ланате, еден од најјаките и најопасни отрови, кој е забранет за продажба.
Ланате или метамил е отровот кој најчесто се подметнува кога гледаме слики на масовно труење на кучиња низ дравата. Тоа е инсектицид со широк спектар на дејство од групата карбамати. Исклучително е токсичен за животните и за луѓето, од неколку милигарми до грам може да се усмрти животно и човек, а престапниците најчесто го ставаат во мамки (салами, виршли, паштети)
Расфрлањето отров е кривично дело за кое сторителот може да одговора и со затворска казна
Членот 232 од македонскиот Кривичен законик предвидува дека „тој што спротивно на прописите произведува, преработува, ракува, користи, одржува, чува, пакува, препакува, употребува, превезува , увезува, извезува или отстранува отровни или други опасни материи или нивни отпадоци, или генетски модифицирани или штетни организми опасни за животот или здравјето на луѓето, или за животинскиот или растителниот свет, ќе се казни со затвор од една до пет години“, а службено лице или одговорно лице во правно лице што ќе го овозможи извршувањето на делото се казнува со затвор од една до десет години.
Членот 233, пак, предвидува дека тој што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци.
Емилија Мисирлиевски