2win800x200

Партнерите од Република Грција заедно со туристички работници го посетија Авантуристичкиот парк на Пелистер кој е во завршна фаза на реализација

Октомври 03, 2023

Авантуристичкиот парк на Пелистер е во завршна фаза на реализација и до крајот на годината се очекува ЈУ НП Пелистер да добие нова атрактивна туристичка содржина.

Паркот во чија содржина се двата авантуристички паркови за деца и возрасни, карпа за искачување ВИА – ферата и ЗИП -Линија се изгради во рамките на проектот „Авантура меѓу границите“, пограничен проект  меѓу Р. С. Македонија и Р. Грција во кој како партери се среќаваат Младинско христијанско здружение – Солун/ИМКА Солун, Грчка национална туристичка организација/GNTO и ЈУ Национален парк Пелистер – Битола. Изградбата на овој парк ќе биде од значење за промоција на туризмот во пограничниот регион и отворање на нови работни места.

Група од петнаесетина гости, претставници на партнерските организации од Грција како и туристички работници, во саботата (30 септември) беа гости на НП Пелистер, се запознаа со новите туристички содржини овозможени од проектот „Авантура преку границата“ и со туристичките капацитети и понуди во рамките на паркот. Гостите ги посетија авантуристичките паркови за возрасни и деца, имаа можност за ја видат поставката намената за флората и фауната на Пелистер во рамките на Инфо-центарот  и пеш низ шумската патека покрај авантуристичкиот парк за возрасни се упатија до хотелот Молика.

„Овде на Пелистер е многу убаво, многу сме задоволни од ова што го гледаме, не само како национален парк, туку и реализацијата на проектот. Одлично изгледаат авантуристичките паркови  за возрасни и деца кои се прават во рамките на проектот со акроним ‘advenTOUR’. Многу е убав Пелистер и тука е забавно, би го препорачала и на други граѓани од Грција ова место, да дојдат да го посетат. И јас би се вратила повторно со моето семејство“, рече Катерина Меимароглу, од грчката национална туристичка организација – GNТO.

Во посета на НП Пелистер беше и Еугенија Коукура, професорка по историја и археологија од Солун, Република Грција, која меѓу другото работи и на програма за религиозен туризам.

„Овде на Пелистер е многу интересно, многу пати сум била на ваша територија, но овде во паркот за прв пат и првиот впечаток е дека е многу убаво. Ние сме многу блиску еден до друг и треба да имаме врски да направиме екскурзии и од кај нас до кај вас и обратно. Ви посакувам успех во паркот со новите содржини и да ја одржуваме врската“, рече професорката Коукура.

По комплетирањето на сите содржини на Авантуристичкиот парк и пуштањето во употреба, она што ќе следува е туристичка промоција на паркот и исполнување на целта за подобрување на атрактивноста и промовирање на туризмот во прекуграничната област за подобрување на вработувањето во туризмот.

Јавната установа Национален парк – Пелистер Битола е трет партнер во проектот „Авантура преку границите“ со акроним – advenTOUR кој се спроведува во рамките на INTERREG ИПА Програмата за прекугранична соработка Република Грција – Република Северна Македонија, 2014-2020.

А.Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани