2win800x200

ВО БИТОЛА ОДБЕЛЕЖАН МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА СЛЕПИТЕ ЛИЦА

Октомври 16, 2023
Со „Марш на надежта“, во организација на Лајонс клубовите од градот, слепите лица од Битола, го одбележаа Меѓународниот ден на белиот стап. Претставниците на Здружението на слепи лица, се заблагодарија за соработката со локалната самоуправа, нагласувајќи дека се надеваат на поголема државна помош во однос на обезбедување на потребните помагала. Градоначалникот Тони Коњановски, нагласи дека, Општина Битола, продолжува во континуитет со поддршка за слепите лица, во насока на олеснување на нивното секојдневие, како и овозможување соодветен пристап до сите значајни објекти во градот.
May be an image of 19 people and crowd
„Нашата грижа, како локална самоуправа за слепите лица и лицата со оштетен вид е секојдневна и се реализира низ повеќе програми, а посебно низ Програмата за социјална заштита. Една од активностите кои се реализирани преку програмата за социјална заштита во последната година е и создавање на услови за пристапност и до самата општина, а со тоа и до општинските услуги преку поставување на 25 табли во општинската зграда сите напишани со Брајово писмо со што во голема мера ќе се олесни пристапот за граѓаните кои имаат оштетен вид, а на тој начин ќе можат самите со доаѓање во општината да се упатат на вистинското место и навремено да ги завршат потребните работи, со нивно директно присуство во институцијата и лесна пристапност до одговорните службеници.
Покрај тоа преку проектот Општествено корисна работа е ангажирано лице едукатор на Брајово писмо со цел подобрување на образованието на слепите лица со што лицата кои покасно го загубиле видот и немале можност да се образоваат во специјално училиште за слепи лица им нудиме можност да го научат Брајовото писмо и стекнување на одредени вештини, кои ќе им помогнат во нивно осамостојување . 
May be an image of 6 people and street
Исто така преку активноста Адаптација на физичка пристапност за лица со попреченост во домот на лицата, лицата со проблеми со вид, слепите лица имаат можност за финансиска поддршка со цел адаптација на физичката пристапност во нивниот дом преку покривање на дел или целосно на трошоците за адаптација како и опрема адаптирана за лица со попреченост согласно нивната попреченост како би се олеснало нивното функционирање во сопственеиот дом.
Обезбедено е и користење на бесплатен градски превоз како и поддршка во превоз на спортски настани на кои учествуваат членовите на Здружение на слепи лица како и поддршка преку обуки за лични асистенти како би се зголемил бројот на лични асистенти за да бидат остварени потребите на сите лица.
Исто така е предвидена и одржливост на Регионален ресурсен центар за слепи лица кој е формиран со поддршка на УНДП и 5 те општини Битола, Демир Хисар, Новаци, Могила и Ресен.
Деновиве се поставуваат и 10 алатки со Брајово писмо за лица со попреченост, како туристичка сигналитика на локациите: Саат кула, Св. Димитрија, Католичка црква, Јени џамија, Исак Џамија, Безистен, Офицерски Дом, Кино Манаки, Музеј и Хераклеа.
Овие алатки, беа изработени, како дел од проектот насловен „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно патување“, кофинансиран од Програмата за прекугранична соработка со Грција, а реализиран од страна на здружението на лица со телесен инвалидитет на Битола, Демир Хисар и Ресен – МОБИЛНОСТ Битола и Фондацијата за нови технологии, иновации и трансфер на знаење ГАУС Институт – Битола. Со овој проект, се зголемуваат можностите за подобрување на пристапноста на лицата со попреченост, до дел од најзначајните културно историски споменици во градот“, рече градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски на денешниот настан.
На завршувањето на денешниот Марш, Лајонс клубовите ги промовираа првите менија кои ги изработија со Брајово писмо, а до крајот на годината најавија изработка на вакви материјали за повеќе ресторани и локали.
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани