Централната власт продолжува со партискиот интерес за одземање на ингеренциите на градоначалникот во сите училишта во општината и тоа само во делот на ангажирање на наставниот кадар, притоа не водејќи грижа за иднината на најмладите кои се дел од воспитно образовниот процес – учениците. Материјалните трошоци (гориво, превоз на
ученици и друго) за кои општината годишно само за основните училишта издвојува околу 1 милион евра, не се во интерес на МОН и истите остануваат во надлежност на општината и во училиштата каде се одземаат ингеренциите. Блок дотациите кои ги издвојува министерството за образование воопшто не се доволни, поради што општината дополнува средства од сопствениот буџет.
На речиси еден месец пред крајот на првото полугодие, од непостапувањето и недавањето согласност од МОН се заканува опасност битолското образование да остане без 301 наставник, во одделенска и предметна настава.
Ставајќи го интересот на учениците и правото на образование над се, повторно испративме барање до Министерството за образование и наука за одобрување на бараните согласности, во кое потенциравме:
„Имајќи во предвид дека договорите на вработените лица до три месеци за итни и неодложни работи им завршуваат во месец декември, а месец декември е последниот месец од првото полугодие кога се формираат полугодишните оценки и успехот на учениците, наставниците на кои им истекуваат тримесечните договори за работа согласно законот за образование заради не добивање на согласности за распишување на огласи нема да можат да ги формираат конечните полугодишни оценки и полугодишниот успех на учениците.
Бидејќи Општина Битола ги достави Барањата до МОН – Скопје, а согласностите за распишување на огласи се уште ги немаме добиено, Ве молиме да ги добиеме бараните согласности како не би настанале несакани проблеми во воспитно образовниот процес од кои последиците ќе ги трпат учениците.
Напоменуваме дека во Општина Битола во основните училишта бројката на наставници за кои е побарана согласност за распишување на оглас е 213 наставници, а во средните училишта бројката е 88 наставници или вкупно за 301 наставник се побарани согласности од Министерството за образование и наука – Скопје“, стои во барањето испратено до Министерот за образование и наука.
Градењето на вредностите кај младите луѓе започнува од образованието. Не смееме да дозволиме политички удари и лични интереси, да остават длабоки последици врз нашите најмлади. Очекувам совесно работење од МОН, со цел учениците успешно да ја завршат учебната година.