АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 1 ЈАНУАРИ 1920
Во Лерин е родена Елпида (Пида) Ставрева КАРАМАНДИ (псевд. Бисера и Нада), студент и револуционер, првоборец и народен херој. Од раното детство живее во Битола, каде што заврши гимназија. Како студент е учесник во македонското студентско движење на Белградскиот универзитет. Како член на СКОЈ од 1939 г. и на КПЈ од јуни 1941 г. беше организатор на женската младина во комунистичкото движење и во антифашистичкото движење. Извесен период беше ангажирана за работа со партиската техника на Месниот комитет на КПЈ во Битола. По апсењето од бугарската фашистичка полиција, поради немање докази, е ослободена. За да го избегне натамошното полициско проследување, премина во илегалство. Наскоро, јануари 1942 г., стана член на Покраинскиот комитет на СКОЈ за Македонија и замина како борец на Битолскиот народноослободителен партизански одред „Пелистер". Во борбата на одредот над селото Лавци, Битолско, на 3 мај 1942 г. против бугарската војска и полиција беше тешко ранета и заробена, по што фашистите ја влечеа врзана за запрежна кола по битолските села за да го заплашат населението. Во такви околности и почина. Уште во истата година е објавена (Старите револуционерни песни со ново содржание, „Билтен" на Битолската организација на КПЈ, бр. 21, Битола, 7. XII 1942) првата народна песна во знак за признание на нејзиниот лик и дело, зашто "Нада студентката за народ загина, за народ загина–за Македонија.". Опеана е и во познатата народна песна „Таму ле, мајко, близу Битола" и во други народни и авторски песни. Прогласена е за народен херој на 11 октомври 1951 г.