Ништо од велопатеките во Битола-Политичкиот инает ја победи разумноста, пропаѓаат 400 илјади евра

Февруари 12, 2024
фото А.Блажевска -улица Васко Каранѓелевски фото А.Блажевска -улица Васко Каранѓелевски

БИТОЛА – Европската делегација со писмо најави суспензија на проектот за изградба на вело патеки во Битола, констатирајќи дека „прекуграничниот углед на проектот е сериозно нарушен“, со предупредување „ЕУ делегацијата размислува за суспендирање на договорот“.

Од политички инает се поизвесно е дека пропаѓаат 400 илјади евра за вело патеките и не се само тие, туку и сѐ што остана да се реализира од целокупниот пограничен проект „Smart4You2“. Во исто време нема да може да се обнови ни објектот „Парк“ во близина на Офицерски дом во Битола.

Денеска во битолскиот Совет мнозинството предводено од СДСМ, „Поинаку“, Левица и ДУИ гласаа воздржани по точката да донесат одлука за  изменување на Одлуката за согласност и кофинансирање на проектот Smart4You2. За одлуката гласаа единствено советниците на ВМРО-ДПМНЕ и ДОМ.

Во писмото кое Европската делегација го испратила до градоначалникот Тони Коњановски на 6 февруари стои дека – „временскиот рок за плаќање е суспендиран од Општите услови на договорот, со цел да се добијат дополнителни информации поврзани со реализацијата на проектот.“

Понатаму Делегацијата конкретно се осврнува на проектот за изградба на вело патеките па пишува:

„Во привремениот извештај кај повеќе активности е забележано значително задоцнување. Најсериозните доцнења се внесени во активноста ‘Изградба на систем за велосипедски патеки’.

Според последните информации добиени од проектниот менаџер, а поради континуираното отсуство на одлука на Советот на општината за кофинансирање на истото, изгледа многу веројатно дека оваа активност нема да се реализира воопшто. Освен тоа во финансискиот извештај што го доставивте, за оваа активност за тековната година сепак имате предвидено да потрошите 279.843 евра,“ стои во писмото од ЕУ. 

Делегацијата бара јасни информации за статусот и времето на спроведување на секоја од проектните активности. Бара одговори кои активности се започнати и се во тек (со предвиден датум на завршување), а кои сè уште не се започнати со предвиден датум на започнување и завршување и сето тоа најдоцна до 20 февруари, што значи следната недела .

Откако мнозинството одби да расправа за проектот, градоначалникот Тони Коњановски ги обвини СДСМ и „Поинаку“ дека јасно се против изградба на вело патеки во Битола.

„Новото мнозинство составено од СДСМ и ‘Поинаку’ и покрај моите заложби за разумност, одлучи да биде против изградба на велосипедски патеки и реконструкција на ресторанот ‘Парк’. Нема да дозволам деструктивните политики и политички амбиции да ѝ наштетат на Битола“, реагираше градоначалникот.

Коњановски денови наназад, уште кога се подготвуваше дневниот ред, бараше Советот да расправа за европскиот проект и да ги постави точките на дневен ред и за изградбата на вело патеките и за реконструкцијата на објектот „Парк“ за кој Министерството за култура издвои 9 милиони денари

Политичкиот инает и надмудрувањата за реализација на европскиот проект е тема која силно ги засегна битолчани, граѓанските организации укажуваа дека сакаат изградба на вело патеки и дека не ги интересира политиката.

Во меѓувреме Општина Битола ги отстрани најголем дел од времените објекти на улиците „Партизанска“ и „Васко Карангелевски“ каде требаше да се уредуваат тротоарите и да се градат вело патеките.

А.Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани