АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната енергетска платформа за иднина во Битола на тема „Концепт за инвестиции во енергетиката“ посочи дека ВМРО-ДПМНЕ во енергетиката има намера озбилно да се позанимава со еден децениски ветуван проект, а тоа е проектот Чебрен кој е значаен проект.
„ВМРО-ДПМНЕ во енергетиката има намера озбилно да се позанимава со еден децениски проект, ветуван децении, а тоа е проектот Чебрен значаен проект. Се сеќавате ние предупредивме дека постапката онака како што беше водена не само што не гарантираше реализација на тој проект, туку беше и антинационална сама по себе. Јас длабоко во себе сум убеден дека на Македонија од стратешка природа и е потребен уште еден голем резервоар на вода затоа што ако денеска зборуваме за геостратегија каде енергетиката има главна улога, не зборам само за електроенергетиката, тука зборам и за другите енергетски ресурси, гас, нафта итн., убеден сум дека во иднина некои идни генерации многу важно ќе им биде да обезбедат вода, такви времиња доаѓаат имајќи ги предвид климатските промени. Убеден сум дека уште еден таков резервоар за вода на Македонија како држава ќе и биде многу важен. И тоа не е проект кој треба да го гледаме денес за утре, или за 10 години, 20 години, па дури и за 50 години. Тоа е проект кој треба да го гледаме можеби за еден век од денеска и тоа е проект за иднината не само за Македонија како држава, туку и за иднината на идните генерации кои се неродени, тој проект нема само енергетско значење, туку може да има социоекономско и да има огромно значење во земјоделието бидејќи системот кој понатаму каскадно ќе следи практично служи за наводнување на десетици илјади хектари земјоделска површина. Така што овој проект е мултифункционален и треба така и да се гледа, но за да дојдеме до озбилна и сигурна реализација на овој проект нас ни треба озбилна анализа“, рече Мицкоски.
Тој продолжи и додаде моментално податоците со кои се располага се стари 50,60,70 години.
„Ние сега сеуште располагаме со податоци кои се 50,60,70 години стари иако и геоморфолошки теренот е променет, но истовремено и од аспект на вода и хидрологија многу работи се изменети затоа ние мора да имаме реални податоци со кои располагаме и врз основа на тие податоци да носиме понатаму одлуки какви политики ќе водиме“, кажа Мицкоски.
Претседателот Мицкоски продолжи и додаде:
„Проектот за изградба на Централата Чебрен ќе биде предмет на една озбилна, научна физибилити студија која треба да е дело на македонските универзитети, експерти и стручњаци, МАНУ и македонските компании и врз основа на тоа ние ќе добиеме јасен одговор во која насока треба да се движиме понатаму“, потенцираше Мицкоски.
Претседателот Мицкоски истакна дека во таа насока ќе се има студиозен, стручен и научен пристап од домашни експерти и компании.
„Во насока на тоа ќе имаме студиозен, стручен, научен пристап од страна на домашни експерти и компании во реализација на една поширока озбилна физибилити студија која ќе даде одговор на сите овие дилеми за кои јас претходно говорев. Пред се каква е геоморфологијата на теренот со што можеме реално да располагаме и што е тоа што ние реално може да го добиеме со реализацијата на овој проект. Се додека тоа не го направиме, ние можеме да претпоставуваме и врз основа на тие претпоставки да носиме одлуки кои можеби ќе бидат погрешни“, вели Мицкоски.
Објавено од А.Б