АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во рамките на „Неделата на пролетта“, во Битола се спроведуваат повеќе активности, насочени кон почиста животна средина. Носител на акцијата е ЈКП Комуналец, во координација со Општина Битола и активна вклученост на јавните претпријатија Водовод и Нискоградба.
„Започнуваме на тој начин што денес ќе се изврши чистење на диви депонии кај Германските гробишта и тоа во пресрет на празникот Младенци или „Свети 40 маченици“, го уредуваме пристапот до месноста Кркардаш каде што и се наоѓа црквата која го носи ова име.
Акцијата ќе продолжи и во следните денови па поради тоа ги повикуваме сите граѓани, приватни фирми, општествено одговорни компании, политички партии и сите кои се заинтересирани да се ангажираат за поубава и почиста Битола, да не контактираат и да бидат дел од активностите за почист град.
Утре продолжуваме со замена на оштетените клупи и канти за отпадоци низ Широк сокак, како и со уредување во Градскиот парк.
Во четврток планирано е засадување на садници во Новиот парк, а во петок, како претпријатие кое е задолжено и за грижа за спортските објекти, по извршената координација со сите вклучени субјекти, договоривме отпочнување со редовна работа на кугланата во Спортската сала „Боро Чурлевски“. Тоа значи дека, согласно изготвените правилници, сите кои се љубители на куглањето ќе можат да куглаат во одредени термини.
Ова се само дел од активностите предвидени за оваа недела, истите се одвиват паралелно со тековните активности за чистење и хортикултурно уредување на повеќе локации, а општината продолжува со реализација на други инфраструктурни проекти, кои исто така вклучуваат меѓусебна соработка и ангажираност на сите јавни претпријатија.“, изјави Горан Степановски, директор на ЈП Комуналец Битола.
Општина Битола веќе е подготвена за почетокот на градежната сезона, во која ќе се реализираат повеќе капитални проекти:
„Недела на пролетта“ е една активност која симболично ја најавивме во соработка со јавните претпријатија од нашиот град, но тоа се пред се редовни активности кои што континуирано се прават. Целта на акцијата е повеќе кај граѓаните да ја разбудиме и совеста во делот на одржувањето на чистотата и животната средина, во околината во која што живееме. Сепак не помалку значајни се и новите активности. Навистина сум горд што ќе најавам еден проект што ќе биде многу значаен за битолчани, а тоа е уредувањето на потегот од Тумбе кафе до Смолево. Многупати презентирана и промовирана активност, но никако не го видела светлото на денот. Оваа општинска администрација и градоначалникот Тони Коњановки, успеавме да ја изработиме и проектната документација, да направиме соработка и партнерство со Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, бидејќи тоа ќе се реализира во партнерство со нив, односно половина од средствата се обезбедени од Бирото за рамномерен регионален развој. На тој потег, секојдневно се движат илјадници битолчани и време беше еднаш тоа да го уредиме. Исто така, продолжуваме со активности на повеќе улици: Горно и Долно Оризари, каде што се работи неколку километри коловоз, се работи на канализацијата и на водоводот во двете населени места, продолжуваме на улицата Стив Наумов, еден дел беше завршен кон крајот на минатата календарска година, втора фаза на улица Солунска, исто така склучен е договор со изведувач и за паркингот Декорпод, во тек е постапка за избор на изведувач за противпожарниот дом, којшто ќе се гради во Старата касарна, објавена е јавната набавка за влезот во Битола, улицата „8 Септември“, од страната на Скопје, а постапката ќе трае 30 дена, по што Општина Битола, редовно ќе известува за сите чекори. Со еден збор имаме бројни активности во периодот кој следува“, изјави секретарот на општина Битола, Борче Димитровски.
Објавено од А.Б