2win800x200

Камшикот, од блиску дојде (пишува Арсим Зеколи за Дојче Веле)

Април 25, 2024
Фото Фактор.мк Фото Фактор.мк

Сумираната парола од вчерашните избори е „ви помина ли меракот?” Бидејќи, Македонија вчера гласаше „против“. Допрва, на 8 мај, ќе се гласа „за“. Пишува Арсим Зеколи за Дојче Веле https://www.dw.com/mk/

 

Најкусиот опис на вчерашните избори е дека во судирот помеѓу идејата и ликот, победата речиси секогаш оди кај идејата. Можеме да попуваме и мрчиме дека идејата (на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ) била националистичка, ваква, онаква, секаква, но тоа не ја менува битноста дека е сепак идеја. Дотолку повеќе кога соперничката страна се наслонува на ликови и имиња кои со самата појавност ја обесмислуваат ионака фалшливата идеја на ЕУ или интеграции. Кога ликот, Пендаровски, за пет години владеење не знаеше и не сакаше да заземе конкретен став по конкретни предизвици, за очекување е и гласачите соодветно да реагираат и ја отсликаат неговата непостојаност и лабилност. Истото важи и за Таравари, по сите прелетувања од еден во друг табор, на крај неговото „шетање” ги принуди гласачите да се определат за компромитираниот, а сепак предвидливиот Османи.

Изборните резултати  се јасна и видлива демонстрација на осветничко настроено гласање на граѓаните. Но за разлика од убедувањата дека овој резултат е некаква справедлива освета за третманот на Груевски, попрво е дека „златната акција” на осветата е сервирана од некогашните анти-груевисти свртени со камшик кон раководствата на СДСМ и ДУИ кои така лесно, надмено, арогантно, потсмешливо ги фрлија под автобус сите оние кои со борба го рушеа Груевски и ги инсталираа „парфимираните салонаши” од Бихаќка. Желбата на Заев се исполни. Стигна камшикот. Но не од Европа. Туку од оние кои и тој, и Ковачевски, и Шеќеринска, и Маричиќ ги сметаа за безмалку малоумни суштества кои може да се контролираат и мамат со една единствена реченица: „е што, па да го вратиме Груевски?”. Таа банална уцена, таа одвратна симплификација и дрска манипулација едноставно провоцираше дрзок одговор. Кој на крај им беше испорачан како казна за една партија преполна со стратези и испразнета од играчи.

Колку и од ВМРО да сакаат да не убедат во спротивното, добар процент од гласачите на конто на Сиљановска не беа мотивирани од убеденоста во неа, колку што беа наострени истата да ја искористат како камшик на одмазда. Но тоа не ја намалува нејзината убедлива победа. Која однапред не беше спорна како исход, но беше шокантна како квантитет кој ги става под прашање изводливостите на било која од формулите за нејзин пораз во вториот круг. Иако е извесно, сепак е некоректно Сиљановска уште отсега да ја прогласиме за President elect. Подеднакво како што е упатно да ја препознаеме поетската правдина во нејзиниот избор. Онака како што Пендаровски беше избран според логиката „било кој освен Иванов”, така и победата на Сиљановска се должи на истата матрица „било кој друг, само не Стево”. 

Остра поделба 

Дали победата на Сиљановска е предвесник дека е извесно да се исполни желбата на ВМРО-ДПМНЕ за 61 пратеник? Бројките укажуваат дека тоа сценарио е реално, сега засилено и со предиспозицијата на „сончогледите” секогаш да бидат со победниците. Од друга страна, оваа рунда на гласање беше своевидна масивна анкета на популарноста, која може, но и не мора да се преслика врз парламентарните избори во кои односот е сепак поинаков отколку во претседателските. Но тоа е мала утеха за СДСМ, токму поради профилот на кандидатите кои не се разликуваат премногу од оној на Пендаровски. Поради што, водечката опозициска сила овој пат – и за прв пат – нема да биде СДСМ, туку албанските политички партии, според бројот на освоени мандати.

Целата колумна на следниот линк https://www.dw.com/mk/

Авторот е историчар на уметност, поранешен новинар, хуманитарен активист, преведувач, службеник во меѓународни организации.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани