АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Носителот на листата на кандидати за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, д-р Венко Филипче вечерва се обрати на централниот митинг во Изборната единица 4 што се одржа во Радовиш. Оттаму тој испрати порака дека СДСМ е исправена пред голем предизвик и одлучувачки момент за одредување на иднината на 8 мај. Тој потсети на досегашниот труд за приближување кон европската заедница и напредокот на државата и граѓаните.
„Многу енергија потрошивме за земјата да стане членка на НАТО, да почнеме разговори за членство во ЕУ и да ги зачуваме внатрешниот мир и стабилноста преку изградбата на едно општество за сите. Некои можеби ќе речат дека премногу сме жртвувале за остварување на тие цели. Но, не заборавајте колку е тоа важно во време кога две големи војни не стивнуваат, кога младите бегаат затоа што бараат европски стандарди, кога неизвесноста е поголема од кога било. Веројатно има многу за што да ни замерат граѓаните, но не може да ни замерат за исправноста во намерите и политиките со кој се грижевме за секој, во едно исклучително тешко време за владеење. За крај почитувани граѓани, драги пријатели, имам само да порачам уште еднаш добро да размислите пред гласањето на 8 мај. Гласот е одговорност кон себе, но и кон сите други во општеството, гласот е алатка за избор на тоа каква иднина сакате“, рече Филипче на митингот во Радовиш.
Д-р Филипче исто така зборуваше за тешкиот седум годишен мандат проследен со неколку кризи, но и за успесите за заштитата на животниот стандард и решавањето на други наталожени проблеми. Притоа тој ги повика граѓаните во Радовиш да се мобилизираат за изборите на 8 мај со цел да ја заштитат државата од оние кои ќе ја вратат назад.
„Да направиме моќна парламентарна група во Собранието која ќе може да формира коалициона влада или да се спротивстави на секој кој сака да и наштети на Македонија. Потребен ни е силен СДСМ, на граѓаните им е потребен. Партија која знае да се обновува, да расте и да победува. И јас сум убеден дека ќе постигнеме добар резултат на 8 мај. Не се откажуваме од СДСМ. Не се откажуваме од остварување на стратешките цели на Македонија. Не се откажуваме од иднината. Радовиш треба да ни донесе радост. Од овде и од оваа изборна единица може да почне големиот пресврт“, порача Филипче.