Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, им посака добредојде и успешна работа на четворицата извонредни македонски писатели кои денес и утре, со битолската публика лично ќе ги споделуваат своите тајни на креативното пишување. Присутните имаа можност да разговараат со писателите Ана Јовковска, Дарко
Лешоски, Фросина Пармаковска и Петар Андоновски.
Првата бесплатна работилница за креативно пишување, создава можност за навлегување во инспиративноста и креативноста на прекрасниот уметнички израз на четирите различни авторски сензибилитети кои на свој начин ја воодушевуваат својата читателска публика.
Љубителите на пишаниот збор денес од 11 часот низ тајните на своето пишување ги водеа Фросина Пармаковска и Петар Андоновски, додека вечерниот дел од работилницата, од 19.00 до 20.30 часот е во моќта на говорот на Ана Јовковска и Дарко Лешовски.
Утре на истата локација од 11.00 до 12.30 часот, четворицата македонски писатели, ќе го одржат вториот дел од овој настан од програмата на Битолското културно лето ,,Бит Фест“.
Модератор на работилницата за креативно пишување и нејзин иницијатор е битолската писателка Јасмина Атанасова.
Работилницата за креативно пишување наречена ,,Македонските писатели за битолчани“, исполнета со книжевност и креативно пишување, на читателите им овозможува одблиску да ги запознаат прекрасните македонски автори кои зад себе имаат создадено голем дел на авторски дела кои се преведени на повеќе странски јазици.