АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Една е Битола, градот на конзулите, клавирите и филмот. Еден е фестивалот „Манаки“ кој секоја година ја прави Битола еден од најважните филмски центри во светот, беше речено на синоќешното свечено отворање на 45. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ на кое присуствуваа бројни претставници на политичкиот и културниот живот во земјава, филмски работници, актери и кинематографери од земјава и странство, како и бројни вљубеници во филмската уметност.
-Оваа година наши учесници и гости на фестивалот се мајстори на филмската фотографија кои заедно имаат освоено 8 Оскари, 16 номинации за Оскар, 12 награди БАФТА и уште 19 номинации за истата награда, 11 награди од Американското друштво на кинематографери, 8 награди од Британското друштво на кинематографери, 6 награди на Канскиот филмски фестивал, 1 награда во Венеција, 3 награди во Берлин, 6 ЕМИ награди, 1 азиски Оскар....сите овие луѓе годинава ќе шетаат по улиците на Битола. Ќе шетаат по Широк сокак. Ете затоа еден е „Манаки“ и една е Битола, како голем центар на филмската уметност, рече во своето обраќање директорот на Фестивалот, Симеон Мони Дамевски, кој подвлече дека е сигурен дека и ова издание уште еднаш ќе покаже и докаже зошто Битола е епицентар на уметноста и културата, особено на филмската уметност.
Дамевски соопшти дека фестивалот годинава доделува почесна Златна камера 300 за животно дело на Јанаки Манаки, бидејќи досега вакво признание било доделено само на неговиот брат Милтон.
-Прв пат мојот татко ја прими наградата Златна камера 300 во името на неговиот татко, Милтон Манаки. Фестивалот „Браќа Манаки“ е уникатен фестивал. Еден од малкуте фестивали кои ги слават кинематограферите. Голема чест, задоволство и благодарност од семејството кое ја прима оваа награда, рече на неговиот внук, Милтон, кој ја прими наградата.
Беше соопштено и дека почнати се преговори за израбтка на споменик на Јанаки Манаки.
Премиерот Христијан Мицкоски на вечерашната свеченост ја додели наградата Златна камера 300 за животно дело на францускиот кинематографер, Бруно Делбонел.
-Голема благодарност на Фестивалот. Кога Симеон ме повика, реков, нема шанса да дојдам, сеуште не сум се пензионирал. Им се восхитувам на досегашните добитници на ова признание, како Свен Никвист, Ед Лакман, Виторио Стораро, Питер Бижу, Џон Сил...тоа се луѓе од кои многу сум научил и многу им должам. Сега се обидувам да му го дадам на киното она што киното ми го даде мене, рече Делбонел.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски ја врачи наградата Специјална камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност. Годинешна добитничка на наградата е полската кинематограферка, Јоланта Дилевска
-Оваа награда за мене и полската кинематографија претставува голема чест и задоволство. Денеска во моите мисли се сите режисери со кои сум работела, сите членови на техничкиот тим и оваа награда ни припаѓа на сите нас. Мислам и на браќата Манаки. Нивната страст и љубовта кон камерата се причината зошто јас денеска стојам овде. Милтон и Јанаки ви благодарам, Македонија ти благодарам!, рече Дилевска.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски во своето обраќање подвлече дека ИФФК „Браќа Манаки“ е првиот и најстар фестивал во светот посветен на кинематограферите .
-Битола продолжува да биде креативен центар за најдобрите светски директори на фотографијата, откривајќи низ времето многу таленти кои денес важат за врвни уметници на филмската фотографија. Фестивалот е место на слободната мисла на филмските работници, вечно зачувувајќи го споменот на браќата Манаки, рече Коњановски, посакувајќи успешно издание на Фестивалот.
Секоја година ДФРМ ја доделува наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ Од името на ДФРМ пред присутните се обрати претседателот, Игор Иванов.
-Исклучително ми е драго што и на ова јубилејно издание сме повторно заедно во Битола да го прославиме 45. Манаки - нашиот најважен проект. За само неколку месеци од денеска, ДФРМ прославува 75 години постоење. И верувам ќе се согласите дека овие бројки се мошне битни дури и за многу помоќни кинематографии од нашата. И додека ние овде во Битола го славиме филмот, македонската кинематографија, а со неа и филмските работници од Македонија ги живеат можеби едни од потемните денови на современата културна историја. Изминативе години бевме соочени со безумни кратења на буџетот за филм, наспроти на зголемување на буџетот во културата, генерално. Бевме соочени со ветувања кои не беа исполнети и како резултат на тие политики, за жал, Македонија годинава нема свој кандидат за Оскар. Не затоа што не сакаме, туку затоа што едноставно немаме нови филмови. Но, ние во ДФРМ, знаеме дека ноќта е најтемна пред разденување и дека наскоро денот ќе блесне, светлата повторно ќе се запалат, камерите повторно ќе завртат, затоа што едноставно не постои друга опција. Оној што нема свој филм и нема своја кинематографија, тој нема ниту држава. Од оваа сцена сакам да порачам дека ние, како и години наназад, така и вечерва, бараме подобри услови за работа, бараме авторите да снимаат, камерите да се завртат. Верувајте, македонскиот филм повторно наскоро ќе блесне и авторите нема да не изневерат. Тие повторно ќе го воодушеват светот, рече Иванов, кој го најави годинешниот лауреат, Димитар Грбевски, филмски и телевизиски монтажер.
Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ ја додели Владимир Павловски, студент на Грбевски.
-Јас како филмски монтажер, исто како годинашниот лауреат, мојот професор Димитар Грбевски, кога работиме сме во заднина. На сцена излегуваме по завршено филмско дело, но денес сум овде поради еден посветен професор, докажан филмски монтажер и прекрасна личност. Неговите студенти со своите филмови се амбасадори на македонската култура на најголемите фестивали во Кан, Венеција, Берлин, Санденс, вклучително и нашиот најуспешен филм, „Медена земја“ со две номинации за Оскар, рече Павловски кој на Грбевски му се заблагодари за неизмерната поддршка од името на членовите на ДФРМ и студентите.
-Денеска го славиме филмот, рече Грбевски и додаде: а филмот е Манаки, филмот се филмските работници кои го содадоа македонскиот филм, донесувајќи многу награди. Да им посакаме на младите да го следат патот на филмските дејци. Да живее филмот!, рече Грбевски заблагодарувајќи се на ДФРМ кое го нарече столб на македонската кинематографија.
Покровител на фестивалот е Претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Таа во своето видео обраќање рече дека за неа е голема чест да се биде покровителка на еден од најреномираните и најпрестижните културни манифестации во земјава.
-Не се сомневам дека сите што сте во Битола имате ретка и исклучителна прилика да се дружите со великаните на светската кинематографија, да уживате во извонредните филмови, чие сликање на животот многупати знае да биде подлабоко и поемотивно и од самиот живот. Со право важниот и чудесен настан „Браќа Манаки“ ги слави кинематограферите како волшебници кои од приказната прават слика и филм, рече Сиљановска Давкова која го отвори фестивалот.
На отворањето на јубилејното 45. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ публиката имаше можност да го проследи филмот „Партенопе“, во режија на Паоло Сорентино, кинематографер, Дариа Д’ Антонио.