АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во рамките на програмата на Битолскиот театар за одбележување на јубилејот 80 години на оваа институција, премиерно ќе биде изведена претставата ,,КУФЕР.МК“ по идеја и концепт на актерката Соња Михајлова и Благој Мицевски кој беше задолжен и за режијата.
Актерката Соња Михајлова истакна дека овој момент и е емотивен со враќањето во Битолскиот театар после пензионирањето пред две години.
„Се радувам на повторната средба со публиката од сцената на Битолскиот театар. Сакам да се заблагодарам за отворената врата во овој момент од страна на директорот Мавровски и театарот. Ме радува и тоа што поставувањето на мојата монодрама во овој театар е во моментот кога театарот слави 80 години од своето постоење од кои 40 јас сум во овој театар, и овој момент на отворената врата во театарот и присуството на монодрамата го подарувам на Народен театар Битола и на публиката, како мој роденденски подарок за овој голем јубилеј“.
Михајлова низ претставата не води низ една лична интимна исповед за дилемите, моралните вредности, погледот на светот, убавите моменти, но и траумите низ кои поминува и со кои се справува една актерка, жена.
Режисерот Благој Мицевски истакна дека Битола има публика за монодрами.
Музиката во претставата е на Миодраг Неќак, за видеото се погрижи Марјан Георгиевски.
Премиерата ќе биде на 16.октомври (среда) и реприза 17.октомври (четврток), двете вечери од 20 часот.