Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ во партнерство со Рурална коалиција, а со поддршка од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас, подготви процена на состојбата на доброто владеење на единиците на локалната самоуправа (ЕЛС) во Република Северна Македонија за 2024 година.
Во 2024 година, наодите од Индексот на отвореност покажаа дека најотворенa единица на локалната
самоуправа е Битола, со 67%.
На првата панел дискусија „Индекс на отвореност на локалната самоуправа: Отворени и транспарентни општини за сите!“ беа претставени резултатите од Индексот на отвореност на локалната самоуправа за 2024 година заедно со патоказ со препораки за унапредување на отвореноста кон граѓаните.
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, како градоначалник на најотворената општина според Индексот на отвореност ја нагласи важноста за соработка со граѓанскиот сектор. Тој истакна колку е важно да се разбере одговорноста на општинските власти кон граѓаните и како тие како општина се трудат да бидат поотворени и да ги вклучуваат граѓаните во се поголем број од важните одлуки.
„Општина Битола, во изминатите три години, посветува посебно внимание на транспарентноста и соработката со граѓанскиот сектор, со цел овозможување проактивна транспарентност, преку сите канали на комуникација кои се користат, пристап до информации од јавен карактер, овозможување отворени податоци, а наскоро ни следуваат и буџетските форуми кои исто така се важен дел од отвореноста на општината. Довербата кај граѓаните се гради низ постојана отвореност, во која ќе знаат како се управува со буџетските средства, врз кои критериуми, на кого и за какви активности се доделува поддршка за културни, спортски или други манифестации, независно дали за тоа одлучува комисија формирана од градоначалникот или комисија од општинскиот Совет.
Со ваквиот пристап, повеќе истражувања потврдуваат дека сме ги постигнале вистинските резултати и сме достигнале висок степен на 100 процентна проактивна транспарентност.Но, тука не застануваме, затоа што за да бидеме во чекор со времето, мора соодветно да одговориме и на новите предизвици кои произлегуваат од развојот на дигиталните алатки.Во овој контекст, веќе го подготвуваме новиот документ менаџмент систем кој значително ќе ги олесни процесите за граѓаните, но и ќе ја направи поефикасна и поефективна работата на општинската администрација. Исто така, со новата веб страна која треба да биде изготвена следниот месец, ќе стартува и нов модул за електронско аплицирање за субвенции за граѓаните“, посочи градоначалникот Коњановски.
Процената е резултат на спроведеното истражување засновано врз Индексот на отвореност, чија цел е да го утврди степенот до кој се почитуваат начелата на доброто владеење, во овој случај на локалната власт во Република Северна Македонија.